Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е отворен за понатамошни преговори со Москва, но повтори дека украинските војници нема да се повлечат од териториите анектирани од Русија.
„Ако Русија постави услов нашите војници да се повлечат од нашата земја, тоа значи дека тие не сакаат примирје ниту крај на војната“, рече Зеленски, откако американскиот претседател Доналд Трамп разговараше по телефон со неговиот руски колега, Владимир Путин.
Москва го разбира тоа, рече Зеленски, нагласувајќи ја улогата на украинската армија во заштитата на нејзината територија.
Русија постојано повторува дека нејзиното барање во мировните преговори е силите на Киев да се повлечат од четири украински региони: Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, врз кои Русија нема целосна контрола.
Тој исто така рече дека ја разгледува можноста за одржување состанок на делегации од Украина, САД, Европа и Русија, и покрај фактот што Трамп, по разговорот со Путин, јасно стави до знаење дека разговорите треба да бидат директни – меѓу Русија и Украина.
Сепак, тој истакна дека Украина би можела да потпише меморандум со Русија што би довел до договор за прекин на војната.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговиот разговор со американскиот лидер Доналд Трамп во понеделникот траел повеќе од два часа и дека бил „значаен, искрен и многу корисен“.
Тој рече дека ставот на Русија за ситуацијата во Украина е јасен – главната работа е да се отстранат „основните причини за кризата“.
„Прашањето е, секако, дали руската и украинската страна ќе покажат максимална желба за мир и ќе најдат компромиси што им одговараат на сите страни. Главната работа за нас е да ги елиминираме коренските причини за оваа криза“, нагласи рускиот претседател.
Според него, Русија е посветена на прекинување на непријателствата, но, како што наведе, потребно е да се развијат најефикасните начини за мир.