Соочен со големи загуби во борбената сила на украинскиот фронт, рускиот претседател Владимир Путин сега за првпат испраќа затворенички во војна.
Ова го тврди Главниот штаб на украинските вооружени сили.
„Минатата недела воз полн со затвореници пристигна во регионот на Доњецк. Во еден од вагоните имаше затворенички“, соопштија украинските вооружени сили.
Претходно веќе беше потврдено дека Русија префрлила осуденици блиску до воената зона, во областа Краснодар. Таму беа распоредени да работат како земјоделски работници и да ја снабдуваат војската со храна.
Олга Романова од фондацијата „Русија зад решетки“ смета дека околу стотина затворенички биле испратени во Украина, пишува Дејли мејл.
Во Русија, десетици илјади машки затвореници веќе се регрутирани и им понудија договор за укинување на казните доколку отслужат (и останат живи) шест месеци на бојното поле. Ова резултираше со ослободување на убијци, силувачи и други насилни криминалци, од кои повеќето служат во војската на Вагнер.
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, минатиот месец тврдеше дека неговата група повеќе нема да регрутира затвореници да се борат во Украина, но сега има докази дека руското Министерство за одбрана директно испраќа осуденици во редовната армија.