Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „храбрите“ севернокорејски војници се вклучиле во војната во Украина по иницијатива на нивниот лидер Ким Џонг-ун.
Путин ја даде оваа изјава за време на билатералните разговори со Ким во државниот пансион Дјаојутаи откако присуствуваше на кинеската воена парада „Денот на победата“ во Пекинг.
Со оваа изјава рускиот претседател првпат проговори за вклучувањето на севернокорејските трупи во војната во Украина.
Зборувајќи дека има намера да се фокусира на „перспективите за развој на односите“ со Москва, Ким додаде:
„Многу ми е драго што денес имаме можност да разговараме за нашите односи, за интеракцијата, за перспективите, за развојот на овие односи и што имам можност да се сретнам со Вас насамо“, цитираше руската државна новинска агенција РИА Новости.
Путин рече дека врските меѓу Русија и Северна Кореја добиле „посебен доверлив и пријателски карактер, сојузнички карактер“.
Тој истакна дека севернокорејските специјални сили учествувале во битката за рускиот регион Курск против украинските трупи.
„На Ваша иницијатива, како што е добро познато, Вашите специјални сили учествуваа во ослободувањето на регионот Курск, во целосна согласност со нашиот нов договор“, рече Путин, пофалувајќи ги севернокорејските војници дека се бореле „храбро и херојски“.
Рускиот претседател, исто така, го замоли Ким да ги пренесе неговите „најтопли зборови на благодарност до сите луѓе“ на Северна Кореја.
Ова е нивна четврта билатерална средба.
Путин и Ким првпат се сретнаа во 2019 година, кога севернокорејскиот лидер отпатува во Владивосток, град на рускиот Далечен Исток.
Подоцна, во септември 2023 година, Ким повторно замина на рускиот Далечен Исток на втора средба со Путин, кој вторпат отпатува во Пјонгјанг минатата година во јуни, кога потпишаа сеопфатно стратегиско партнерство, во кое е предвидена меѓусебна воена поддршка во случај на напад од трета страна.
Подоцна Пјонгјанг распореди илјадници војници во Русија за војната во Украина.
Според Јужна Кореја, Пјонгјанг изгубил околу 2.000 војници во борбата против Киев.