Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ги отфрлил сите мировни предлози, вклучително и оние од Соединетите Американски Држави, и дека нема знаци дека тој сака да ја запре војната.
„Русија ги отфрла сите мировни предлози, вклучително и оние од Соединетите Американски Држави. Путин мисли само на војна – тоа е факт. Можеби тој го поврзува својот политички опстанок со способноста да убива: сè додека убива – тој живее. Ова го потврдуваат нашите разузнавачки податоци“, рече Зеленски во обраќањето пред учесниците на пленарната сесија на Форумот за одбранбена индустрија во рамките на самитот на НАТО во Хаг.
Тој тврди дека Русија дури планира нови воени операции на територијата на НАТО .
„Оваа војна моментално е во тек во Украина и ние мора добро да се подготвиме, да бидеме подготвени. За Путин да застане во Украина сега , потребно е да разбере дека неговите цели одат подалеку од Украина“, нагласи украинскиот лидер.
Тој додаде дека европските земји мора да ги зголемат трошоците за одбрана, оценувајќи дека 5 проценти од БДП е „правилна одлука“. Тој, исто така, повика на поактивна поддршка на одбранбените капацитети на Украина.
„Им се заблагодарувам на секоја земја, на секој лидер кој веќе одлучи да насочи дел од националниот буџет за одбрана за поддршка на Украина . Ако секоја европска земја издвои најмалку 0,25 проценти од својот БДП за ова, а ние сме благодарни на оние кои даваат повеќе, како што се Холандија, Норвешка и Шведска, како и за толку силните обврски какви што презеде Германија, тогаш шансите за мир во Европа ќе се зголемат“, нагласи Зеленски.
Според него, потенцијалот на украинското одбранбено производство надминува 35 милијарди долари.
„Нашиот производствен потенцијал во одбранбената индустрија надмина 35 милијарди американски долари. Вклучува речиси 1.000 видови производи, од артилерија и традиционални оклопни возила до модерни беспилотни летала од сите видови и ракети. Но, околу 40 проценти од овој потенцијал нема соодветно финансирање“, рече Зеленски.
Тој истакна дека Украина може да произведува над 8 милиони дронови од различни типови секоја година, но финансирањето не е доволно.
„Во исто време, Русија ги користи не само приходите од нафта за одбрана, туку и ресурсите на режими како Северна Кореја и Иран, како и корумпираните врски на Русија во други земји. Затоа, нашата обединета солидарност е најдобриот одговор на руската воена мрежа“, додаде Зеленски.
Тој нагласи дека Украина е отворена за различни форми на соработка во одбранбениот сектор и ги повика учесниците на форумот да ги зголемат инвестициите во Украина во заедничкото производство на оружје.
„Целото оружје што го произведуваме ќе стане дел од новиот, помоќен европски одбранбен и безбедносен систем“, истакна Зеленски.
Денеска во Хаг започна дводневниот самит на НАТО, каде што ќе се дискутира за три главни теми – зголемување на трошоците за одбрана, градење на производството на одбрана и продолжување на помошта за Украина.