– Рускиот претседател Владимир Путин и германскиот канцелар Олаф Шолц денес реализираа прв телефонски разговор од декември 2022 година во кој станало збор за изгледите за решавање на конфликтот во Украина, соопшти денес Кремљ.
Инициран од германска страна, при разговорот била направена „детална и искрена размена на мислењата за ситуацијата во Украина“, се вели во соопштението.
Рускиот претседател Путин нагласил дека тековната криза произлегува од долгогодишната политика на НАТО, која ја опиша како „агресивна“ и како политика која има за цел да воспостави антируска потпора во Украина, не почитувајќи ја безбедносната загриженост на Русија и правата на населението што зборува руски.
Во однос на потенцијалните политички и дипломатски решенија, Путин ја повторил отвореноста на Русија за продолжување на преговорите, кои, според него, се прекинати од страна на Украина.
Тој истакнал дека сите договори мора да ги одразуваат безбедносните интереси на Русија, да ја признаат „новата територијална реалност“ и да се осврнат кон основните причини за конфликтот, потсетувајќи дека овие предлози се наведени во неговото јунско обраќање до руското Министерство за надворешни работи.
Двајцата лидери разговарале и за состојбата на руско-германските односи, кои Путин ги опишал како сериозно деградирани поради, како што нагласил, „непријателската политика на Германија“.
Тој го истакнал доследното исполнување на Русија на нејзините договорни обврски во енергетскиот сектор и изразил подготвеност за заемно корисна соработка, под услов Германија да покаже интерес.
Во разговорот станало збор и за ескалацијата на кризата на Блискиот Исток. Путин го информирал Шолц за напорите на Русија за деескалација и мирно решавање на конфликтот во регионот.
Договорено е помошниците на двајцата лидери да ги продолжат контактите.
Портпаролот на германската Влада, Штефен Хебестрајт, потврди дека денес Шолц и Путин разговарале телефонски, при што Шолц го повторил ставот на Германија за конфликтот во Украина, барајќи од Русија да ги прекине своите воени операции во оваа земја и да ги повлече своите сили.
Германскиот канцелар повикал и на преговори со Украина со цел да се постигне одржливо и правично решение на конфликтот.
Хебестрајт ја нагласи тековната поддршка на Германија за Украина во нејзините напори за одбрана во воените дејства и истакна дека Шолц претходно се консултирал со украинскиот претседател Владимир Зеленски пред неговиот разговор со Путин.
Хебестрејт рече дека Шолц ги истражува можностите за понатамошен дипломатски ангажман, вклучително и можноста за втора мировна конференција за Украина по претходниот самит во Швајцарија со потенцијал за руско учество.
Во последниве месеци, Шолц изрази подготвеност за разговор со Путин кога тој смета дека е соодветно, истакнувајќи ја важноста од претходна координација со другите лидери и засегнати страни.
Времето на телефонскиот разговор, наводно, е поврзано и со претстојниот самит на Г-20 во Рио де Жанеиро, каде што се очекува Шолц да се сретне со други светски лидери. На самитот се очекува да присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.