Рускиот претседател Владимир Путин денеска оцени дека украинската контраофанзива започната во јуни не била успешна наспроти отпорот на руската одбрана на истокот и југот на Украина.
– Сите обиди на непријателот да ја пробие нашата одбрана, особено користејќи стратешки резерви, не успејаа во текот на целиот период на офанзивата. Непријателот не успеа – изјави Путин, во интервју за телевизијата „Русија 1“, кое интегрално ќе биде објавено денеска.
Состојбата на руските сили на фронтот ја оцени како „позитивна“.
– Нашите војници се однесуваат херојски. Ова е неочекувано за непријателот, па дури во некои сектори тргнуваат и во офанзива и добиваат поповолни позиции – рече претседателот на Русија.
Во петокот, Андриј Јермак, шефот на претседателската администрација на Украина, призна дека украинската контраофанзива не напредува толку брзо и рече дека западните сојузници не вршат притисок врз Киев по ова прашање.
Офанзивата се спроведува од јуни со поддршка на тешкото вооружување обезбедено од Западот, а напредокот е бавен против руските трупи кои имаат време да организираат цврста одбрана, вклучително и мински полиња, и сè уште имаат средства да ги гранатираат украинските сили.
Украинскиот Генералштаб денеска соопшти дека продолжуваат офанзивните операции во правец на Мелитопол и Бердјанск, два града окупирани од Русија на југот на Украина.
Претходно минатата недела руското Министерство за одбрана тврдеше дека руските војници успеале да направат пробив од 1,5 километар на дел од фронтот кај Лиман, во областа Доњецк во источна Украина.
Ројтерс објави дека Путин во интервју за државната телевизија изјавил дека Русија има „доволни залихи“ на касетни бомби и рече дека Москва го задржува правото да ги користи доколку таква муниција се користи против руските сили во Украина.