Во тек се подготовките за средбата меѓу новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, соопшти советникот на Трамп за национална безбедност, Мајкл Валц.
„Подготовките се веќе во тек“, изјави Валц за ABC News, без да го прецизира можниот датум и формат на состанокот.
Волц најави дека телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин би можел да се случи во наредните денови или недели.
Претходно Путин изјави дека е подготвен да разговара со Трамп, истакнувајќи дека доколку се случи таква средба, двајцата претседатели ќе имаат за што да разговараат.
Швајцарија подготвена да биде домаќин
Швајцарија е подготвена да биде домаќин на можна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за решавање на украинскиот конфликт, доколку се појави такво барање, објави во неделата швајцарскиот дневен весник Le Temps.
– По самитот во Бургенсток за ситуацијата во Украина, Русија и САД беа редовно информирани за нашата подготвеност да ги поддржат сите дипломатски напори во врска со постигнувањето мировен договор – пишува швајцарскиот весник повикувајќи се на Николас Бидот, портпаролот на швајцарското Министерство за надворешни работи.
Весникот додава дека швајцарските власти нема да преземат иницијатива по ова прашање. Според Le Temps, конфедерацијата е само една од земјите на списокот подготвена да биде домаќин на средба меѓу рускиот и американскиот лидер.
Според Трамп, би било неопходно да се стави крај на украинскиот конфликт. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков подоцна изјави дека рускиот претседател е подготвен да се сретне со Трамп без никакви предуслови.