– Рускиот претседател Владимир Путин денес објави дека ќе се кандидира на изборите во март 2024 година, потег што може да му го донесе петтиот мандат на функцијата претседател.
„Нема да кријам дека во различни периоди имав различно размислување. Но, сега е време кога треба да донесете одлука. Ќе се кандидирам за функцијата претседател на Руската Федерација“, изјави Путин по церемонијата на доделување на наградата Денот на хероите на татковината, во Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за државната новинска агенција ТАСС подоцна изјави дека во неодамнешните контакти со странските лидери, Путин не ја искажал својата намера за уште еден мандат.
Претходно во текот на денот, Централната изборна комисија на Русија потврди дека претседателските избори ќе се одржат од 15 до 17 март.
Вчера, Советот на Руската Федерација усвои резолуција со која се закажуваат следните претседателски избори во земјата за 17 март.
Според уставните реформи усвоени во 2020 година, Путин (71) има право да служи уште два шестгодишни мандати, што значи дека би можел да остане на функцијата претседател до 2036 година.