– Рускиот претседател Владимир Путин најави дека распоредувањето на тактичкото нуклеарно оружје во Белорусија ќе започне во јули.
Говорејќи на состанокот со белорускиот претседател Александар Лукашенко во Сочи, Путин рече дека изградбата на специјални објекти неопходни за распоредувањето е планирано да заврши до 7-8 јули.
„Во врска со најчувствителните прашања за кои се договоривме, сè се одвива според планот. Како што знаете, подготовката на соодветните капацитети завршува на 7, 8 јули и веднаш ќе започнеме со активности поврзани со распоредување на соодветните типови оружје на вашата територија“, рече Путин.
Кон крајот на мај, министрите за одбрана на Русија и Белорусија потпишаа договор за распоредување на руското нуклеарно оружје во Белорусија, во рамките на кој се предвидени условите за негово чување во специјални објекти.
На почетокот на оваа година, Путин најави дека Русија ќе распореди тактичко нуклеарно оружје и ќе ја заврши изградбата на специјални објекти за негово складирање во соседна Белорусија.
Рускиот претседател изјави дека овој потег е одговор на зголемените безбедносни ризици, и нагласи дека Москва ги следи САД, кои го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје во европските земји.