На средбата сојузниците разговараа за приоритетите на Украина на нејзиниот пат кон членство во НАТО.
Генералниот секретар на НАТО рече дека вооружените сили на Украина „постојано ги надминуваат очекувањата“, истакнувајќи дека Украина вратила под своја контрола 50 отсто од териториите окупирани од Русија.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска во Брисел изјави дека рускиот претседател Владимир Путин „повторно се подготвува да ја искористи зимата како оружје за војна“ со напад на енергетската инфраструктура во Украина.
Столтенберг ова го изјави во обраќањето по 16-от состанок на Контакт групата за одбрана на Украина во формат Рамштајн во Брисел.
Тој нагласи дека тоа мора да се спречи и дека зајакнувањето на капацитетите на Украина за противвоздушна одбрана би значело многу во овој поглед, пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека НАТО ќе обезбеди поголема помош за Украина во форма на зимска облека, гориво, медицинска опрема и инструменти, опрема за деминирање, со цел да му помогне на населението да издржи уште една тешка зима, објавено е на веб-страницата на Алијансата.
На состанокот, сојузниците разговараа и за приоритетите на Украина на нејзиниот пат кон членство во НАТО, вклучително и долгорочна интероперабилност со Алијансата и набавка на одбранбена опрема.
Столтенберг ги поздрави најавите на сојузниците дека ќе и пружат дополнителна помош на Украина, вклучително и ловци Ф-16, како и муниција за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме беше објавено дека САД издвојуваат средства за нов пакет помош за Украина. Министерот за одбрана Лојд Остин најави дека САД ќе доделат 200 милиони долари помош.
Претходно денеска, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од сојузниците на НАТО повеќе оружје за неговата земја да може да надмине уште една зима на војна.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека сите сојузници се согласуваат Украина да стане членка на НАТО.
– Треба да создадеме долгорочна основа која ќе обезбеди историјата да не се повтори. Сите сојузници се согласуваат Украина да стане членка на НАТО. На нашиот самит во Вилнус во јули, претставивме програма насочена кон обезбедување целосна компатибилност на вооружените сили на Украина со членките на НАТО. И го создадовме Советот НАТО-Украина, во кој сојузниците и Украина се еднакви – рече генералниот секретар на НАТО.
Тој нагласи дека вооружените сили на Украина „постојано ги надминуваат очекувањата“, истакнувајќи дека Украина вратила под своја контрола 50 отсто од териториите окупирани од Русија од февруари 2022 година.