– Работилница за реупотреба на храна се одржа во Кавадарци, во организација на регионалното еколошко друштво „Еко-живот“.
– Се работи за Еразмус+ проект, именуван како „втора шанса“. Ние сме организација партнер. Работилницата се реализираше во просториите на НВО центарот. Во присуство на дваесетина млади, се презентираа повеќе иновативни содржини за реупотреба на храната, што, според навиките на голем број луѓе, многу често завршува на депонија, се фрла, појасни денеска Роберто Паризов, претседател на друштвото.
Тој информираше дека била нагласена важноста на реупотребата и нефрлањето на храна, за нашата локална еколошка средина и колку е тоа важно на глобално ниво, за намалување на ефектите од климатските промени.
– Младите коишто беа присутни покажаа голем интерес за оваа содржина, а најзаинтересираните ќе бидат мобилизирани како волонтери во системот на Банка за храна во Кавадарци. Оние млади коишто ќе се докажат во рaботењето, ќе имаат можност да присуствуваат на разни доедукации и младински тренинзи во склоп на Еразмус + програмата, за слични тематики, додаде Паризов.
Во склоп на работилницата, беше изработено и видео, со тематика за употреба на постара храна.