Радев: Нема нови услови освен веќе договорените, Македонија сама си го блокира патот кон ЕУ

Македонија се блокира на патот кон Европската Унија бидејќи не сака да ги исполни критериумите за членство. Ова го изјави во Загреб бугарскиот претседател Румен Радев, кој е во официјална посета на Хрватска на покана на Зоран Милановиќ.

Бугарскиот претседател нагласи дека Бугарија нема да се откаже од заштитата на правата на Бугарите што живеат во Македонија.

„Сè уште чекаме Република Северна Македонија да исполни јасно напишан услов што би ја отворил вратата за почеток на преговорите. А тоа е гаранција за рамноправност на Бугарите во оваа земја преку нивно вклучување во уставот заедно со другите народи што ја формираат државата“, рече Радев, цитиран од Бугарското национално радио.

Радев беше категоричен дека Бугарија не наметнува нови услови надвор од оние што веќе се договорени.

„Но, ние инсистираме да се почитува сè што е договорено“, рече Радев за време на прес-конференцијата со својот домаќин Зоран Милановиќ.