Непосредно пред Радев да го соопшти името на новиот премиер, Димитар Главчев објави дека не би сакал по вторпат да ја прифати функцијата вршител на должноста премиер во име на политичкиот мир во државата. Претседателот на Бугарија, Румен Радев ја задолжи заменик-претседателката на Ревизорската комора Горица Гранчарова-Кожарева да формира привремена влада и најави дека на 20 октомври ќе се одржат предвремени парламентарни избори.
„Ви ја доверувам задачата да формирате кабинет. Во Уставот не е наведен јасен рок, но со оглед на состојбите и консултациите со политичките партии, сметам дека најпогоден датум за нови предвремени парламентарни избори е 20 октомври. Во таа насока најдоцна до 19 август треба да го презентирате составот на кабинетот. Сакам да ви се заблагодарам што ја прифативте оваа важна и одговорна задача. Во нејзиното спроведување ќе се потпрете само на себе“, кажа Радев.
Гранчарова-Кожарева му се заблагодари на Радев за довербата. „Овој мандат го преземам со јасно чувство на одговорност. Ќе формирам кабинет за да се обезбеди нормално функционирање на државата додека не се формира редовна влада, но главна задача на кабинетот ќе биде организирање и одржување на предвремени избори“, рече таа.
Непосредно пред Радев да го соопшти името на новиот премиер, Димитар Главчев објави дека се повлекува од вршител на должноста премиер во име на политичкиот мир во државата. Горица Гранчарова-Кожарева ќе биде втората жена премиер на Бугарија. Првата, Ренета Инџова, беше назначена од претседателот Жељу Желев во 1994 година.