Радев: Ја повикав Унгарија да ги убеди нашите браќа од Македонија за уставните измени

Бугарскиот претседател Румен Радев ја повика Унгарија да ја убеди Северна Македонија да направи уставни измени, кои тој ги нарекува неопходни за членство во Европската Унија, објави БГНЕС.

Радев вели дека со унгарскиот претседател Тамаш Суљок разговарал за ситуацијата на Западен Балкан и проширувањето на ЕУ.

„Бугарија останува двигател на овие процеси и ние ги поддржуваме нашите соседи на европскиот пат. Ја повикав унгарската страна, која има сè попријателски односи со Македонија, да ги убеди нашите браќа дека измената на Уставот и европскиот консензус се неопходен услов за членство во ЕУ“, рече Радев по средбата со Суљок.

Според Радев, ова е одлична можност за продолжување на конструктивниот дијалог.