Шефот на Инстаграм, Адам Мосери, најави нова, радикална опција за оваа социјална мрежа – можност за целосно рестартирање на алгоритмот.
Како и сите други социјални мрежи, и Инстаграм користи алгоритам кој постојано учи за своите корисници и врз основа на нивната активност прикажува содржини за кои мисли дека би можеле да им бидат интересни. Но, со текот на годините, интересите на корисниците се менуваат и нешто што им беше интересно пред неколку месеци можеби веќе нема да им биде толку важно.
За вакви ситуации Инстаграм подготвува нова опција. За почеток почнаа со тестирање, додека „наскоро“ таа опција би требало да биде достапна на глобално ниво.
Станува збор за можност за целосно рестартирање на алгоритмот, односно враќање на почетните поставки.
Како што објасни првиот човек на Инстаграм Адам Мосери, тоа е голема работа и не е нешто што луѓето треба често да го прават, туку само кога веќе не се задоволни од своето искуство во користењето на таа социјална мрежа.
Ресетирањето ќе влијае на содржината прикажана на главната страница на Instagram, како и на Reels и на страницата Explore. Исто така, по ресетирањето на алгоритмот, корисниците ќе имаат можност да ги гледаат луѓето што ги следат на таа социјална мрежа за да можат едноставно да престанат да следат профили чија содржина повеќе не им е важна или интересна.
По враќањето на алгоритмот на почетните поставки, алгоритмот во суштина веќе нема да знае ништо за корисникот и ќе биде потребно извесно време за алгоритмот повторно да научи кои се интересите на корисникот и во каква содржина ужива.
Инстаграм планира уште некои промени од почетокот на следната година , за кои, да потсетиме, веќе пишувавме.