Хрватскиот министер ја нагласи силната поддршка којашто ја дава Хрватска за пристапување на Косово во сите меѓународни организации, пред сè Советот на Европа и Европската Унија.
Косово и Хрватска имаат одлични билатерални и пријателски односи, констатираа министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала, и министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во посета на Косово.
Хрватскиот шеф на дипломатијата на прес-конференцијата по средбата со Гервала рече дека е во Косово на Денот на Европа за да се одбележат 720 години од првиот пишан спомен на Јањево како најстара хрватска дијаспора.
Тој рече дека во градот Јањево, на 17 километри од Приштина, денес живее мала, сиромашна хрватска заедница, околу 150 од нив, на кои им е потребна помош и грижа за да имаат сè како другите граѓани на Косово, и еднакво како што Албанците во Хрватска ги уживаат сите права.
Радман нагласи дека Хрватска и Косово се пријателски земји кои имаат одлични билатерални односи и немаат отворени прашања. Истакна дека оваа негова посета реализирана по две години ќе послужи како гаранција за натамошно зајакнување на соработката и интензивирање на дијалогот, а најмногу простор за соработка, како што рече, има во економијата.
Тој ја нагласи силната поддршка којашто ја дава Хрватска за пристапување на Косово во сите меѓународни организации, пред сè Советот на Европа и Европската Унија, и ја поздрави неодамнешната либерализација на визниот режим на Европската Унија и Косово.
Хрватскиот министер рече дека со неговата колешка Гервала се согласиле дека напредокот во дијалогот меѓу Косово и Србија е важен за добрососедските односи.
„Разговарајќи за дијалогот меѓу Косово и Србија се согласивме дека напредокот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија е многу важен за регионалната стабилност и од таа страна очекуваме одреден исчекор. Во секој случај, Косово заслужува да остане стабилна, независна и суверена земја“, рече Радман.
Тој, исто така, го поздрави неодамнешниот договор меѓу Косово и Србија за усвојување на Декларацијата за исчезнати лица, истакнувајќи дека се надева дека тоа ќе доведе до напредок во решавањето на нерешените случаи од пред повеќе од 20 години. Потсети дека и Хрватска по 30 години трага по 1.812 лица.
Шефицата на косовската дипломатија, Гервала, ѝ се заблагодари на Хрватска за поддршката што земјата ја дава на Косово на секој меѓународен форум, во процесот на визна либерализација и аплицирањето на Косово до Советот на Европа. Таа потсети дека Косово во декември минатата година официјално аплицира за членство во ЕУ.
Косовската министерка оцени дека Албанците во Хрватска и Хрватите во Косово се најдобриот мост што ги спојува двете земји.
Одговарајќи на прашањата на новинарите во врска со констатацијата на премиерот Албин Курти дека Косово може да се угледа на Хрватска по прашањето за регулирање на правата на малцинските заедници, Гервала рече дека политичките консултации меѓу двете земји се нормални, но дека тие се исклучиво билатерални консултации и не се однесуваат на трети земји, во случајот Србија.
Таа истакна дека специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, презентирал повеќе модели за тоа како може да се регулираат правата на малцинствата, но косовската страна констатира дека Уставот на Косово им дава повеќе права на малцинствата од кој било од тие модели.
„Ниту еден модел, ниту еден вид Заедница, механизам, не може да се примени на Косово доколку се крши сувереноста на земјата, Уставот и функционалноста на Република Косово. Овие три елементи се основа за функционирање на државата. Тоа што го видовме во Босна и Херцеговина е целосна блокада на функционирањето на државата преку Република Српска, тоа нема да се случи на Косово. На овој регион му е доволна една Република Српска, не му треба друга бидејќи и оваа е премногу“, истакна Гервала.
Додаде дека Косово и Србија се во процес на преговори и дека ништо не е одлучено. Меѓутоа, таа истакна дека Србија треба да биде посериозна бидејќи во Брисел и во Охрид го прифатила европскиот договор, но дека се однесува како да не ни била таму.
Министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, за време на престојот во Косово, ќе оствари средба и со премиерот на Косово, Албин Курти, а ќе ги посети и припадниците на хрватскиот контингент во мисијата на НАТО, КФОР.