Во западните кругови се почесто се зборува за тоа дека Украина не може воено да ги врати Донбас и Крим. Но, се уште има и такви кои велат дека Украина може и мора да ги врати – но дека и треба повеќе оружје и помош од Запад. Според многу епскерти, само тогаш Киев може да седне на маса за преговори со Москва.
Од 2008 година, НАТО вети дека Украина еден ден ќе стане членка на овој моќен воен сојуз. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, постојано и (не)успешно, се залага за ветувањето дека Киев ќе може да се приклучи на НАТО кога војната ќе заврши.
Сега поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, кој е платен советник на украинските политичари речиси една деценија, излезе во јавноста со предлог од кој многумина почуствуваа „земјотрес“.
Бидејќи крајот на војната не е на повидок, Андерс Фог Расмусен вели дека НАТО сепак треба да и понуди на Украина членство без да ги врати Крим, Донбас и другите територии незаконски анектирани од Армијата на претседателот на Русија, Владимир Путин.
Андерс Фог Расмусен е убеден дека тоа ќе го одврати Владимир Путин од обидот да заземе други украински територии. Затоа што, за сите членки на НАТО важи членот 5 – член за колективна одбрана – ако некој е нападнат, сите заедно се бранат.
Според Андерс Фог Расмусен, Украина затоа би била членка на НАТО, но во границите на оние територии кои сега се под контрола на Киев.
Сепак, дури и за оние лидери кои силно се залагаат за брз пристап на Украина во НАТО, овој предлог е неприфатлив. Министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, не сака ниту да ја разгледа опцијата за прекин на огнот, нарекувајќи ја идејата „срамна“.
„Секој вид на преговори е увертира за нов ‘Ден на победа‘ во Москва“, истакнал Литванија, Габриелиус Ландсбергис на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија и додал: „Давањето територија е спротивно на меѓународното право. Територијалниот интегритет мора да биде свет“.
Во изјава за странските медиуми, оваа опција ја отфрла и украинскиот парламентарец Ондриј Осадчук.
„Секој прекин на огнот, секое замрзнување на конфликтот, каков било компромис со злото само ќе и дадат време на Русија да ги наполни батериите“, вели тој.
Ондриј Осадчук се прашува дали НАТО воопшто ќе размисли за членство на земја која нема целосна контрола врз нејзината територија.
Тој, исто така, смета дека Русија би го отфрлила таквиот предлог и ќе се држи до своите поголеми апетити.
„Тие сè уште веруваат дека можат, како некоја голема змија, полека да ја проголтаат цела Украина“, истакнува Ондриј Осадчук.
„Само недостигот на волја за борба на Запад – не за Украина, туку за себе – им дава основа на сите тие ‘експерти’ за такви неверојатни идеи, кои немаат никаква врска со реалноста“, дрско истакнал Ондриј Осадчук.
Ова не е првпат да се појави ваква идеја.
На конференцијата во Норвешка во август, Стјан Јенсен, прв човек на кабинетот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, сугерираше дека еден можен исход може да биде Украина да отстапи дел од својата територија во замена за членство во НАТО.
Кога овие коментари, првично на норвешки, стигнаа до меѓународниот печат, веднаш имаше негодување од Киев и голем број украински сојузници.
Во рок од 24 часа, Јенс Столтенберг мораше да потврди дека НАТО ја поддржува Украина да го врати нејзиниот територијален интегритет. Неговиот началник на кабинетот, Стјан Јенсен, мораше да се извини што погрешил.
Аналитичарот Едвард Хантер Кристи, поранешен одбранбен економист на НАТО, вели дека ова е само еден пример за грешки што се прават кон Украина.
Тој го нарекува „бизарно“ тоа што само на зборови се вели дека Крим и припаѓа на Украина, и дека Киев мора да ја врати целата своја територија, но и фактот што на Украинците не им се испраќа оружје со поголем дострел.
„Ним им треба цел арсенал оружје за да имаат реална шанса да ја променат ситуацијата на теренот, а потоа можеме да видиме каде води дипломатијата“, вели Едвард Хантер Кристи.
Бруно Лете од Маршалов фонд во Германија е подеднакво збунет и се прашува дали поранешниот прв човек на НАТО, Андерс Фог Расмусен верува дека безбедносните гаранции ќе функционираат за Украина.
„Како ќе ја одвратите Русија ако ја нападне Украина, ако Украина е во НАТО ? Дали тоа значи дека НАТО ќе испрати копнени трупи во таа земја ? Дали тоа значи дека треба да размислуваме за мултинационална бригада за Украина, слична на онаа што сега е основана на Балтикот ?“, вели Бруно Лете.
Бруно Лете смета дека патот до мирот води низ воената надмоќ на Киев.
„Дури тогаш Украина ќе може да преговара за договор кој нема да и наштети“, вели овој експерт.
Едвард Хантер Кристи нагласува дека НАТО се обврза да помогне во воспоставувањето целосен територијален интегритет на Украина.
„Стратешки, воено, правно и поради меѓународниот углед и престиж на алијансата, мора да одиме до крај“, нагласи тој.
Но, последните неколку недели по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток даваат друга реална слика за ситуацијата. Со зголемените знаци дека поддршката за украинската борба исчезнува, претседателот Володимир Зеленски можеби ќе треба да размисли да се откаже од делови од својата земја и да ги започне „мировните преговори“.