– Разногласија меѓу политичките чинители околу предлог-законот за рестриктивни мерки, откако Владата, под образложение поради административни причини, го повлече од собраниска процедура и најави дека ќе го стави на дневен ред на следната седница. Техничкиот премиер Талат Џафери, вчера на средба со американската амбасадорка Анџела Агелер, меѓудругото, ја известил дека за овој предлог-закон се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на истиот на следната владина седница. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, синоќа изјави дека очекува во вторник на владина седница да биде одобрен текстот на Законот за рестриктивни мерки.
Од Владата во четвртокот информираа дека Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, поради изборот на новата влада, административно оди на ново одобрување на наредната владина седница и ќе биде доставен до Собранието.
На владината седница одржана на 16 јануари, Владата, едногласно, со консензус изрази политичка волја предложените законски измени да ги достави до Собранието. Со предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки, корумпираните актери во земјава кои се наоѓаат на „црната листа“ на САД, треба да подлежат на санкции согласно националното законодавство.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој минатиот месец започна јавна расправа за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои и американската „црна листа“ ќе биде основа за воведување на мерки од државата врз лица и фирми, синоќа во интервју за ТВ 21, кажа дека нема политичко повлекување на Законот, туку тоа е административно, бидејќи беше условно донесен Законот и сега новата Влада треба да го потврди.
-Во сегашното законско решение како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на нашата држава се три основи, тоа се задолжителни резолуции на Советот на безбедност на ОН, акти, правни акти на ЕУ и билатерални акти на други држави но само за тероризам и квалиферација. Сега додаваме дека за овие цели, безбедност, меѓународен мир, борба против корупцијата, злоупотреба на службена должност, како основа за донесување на рестриктивни мерки ги земаме и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство, со тоа што понатаму се разглобува која е процедурата за донесување на правните акти, рече Османи.
Тој додаде дека во актуелното решение како видови рестриктивни мерки се ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски мерки. Сега, посочи, додаваат покренување на кривична постапка и преземање на мерки за обезбедување.
-Кога ќе има ваков правен акт, МНР, МВР и ЈО предлагаат до Владата да донесе одлука и за наши рестриктивни мерки. Ако е за корупција, злоупотреба на службена должност Владата е должна, односно органот што предлага да ги однесе сите факти што ги има собрано од изворот на рестрикцијата до ЈО. ЈО е должно да отвори кривична постапка и ако покрене обвинение, и судот го прифати тоа обвинение, тогаш Судот може да донесе привремени мерки за обезбедување – забрана за вршење јавна функција, вклучувајќи и кандидирање на избори и конфискација на имот и други финансиски мерки, посочи Османи.
Тој додаде оти е точно дека Министерството за правда имало негативно мислење за првичното решение, посочувајќи дека мора да има судска одлука, и затоа се направиле дополнителни измени.
Од Министерството за правда вчера за МИА потврдија дека министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки, со оглед на тоа што претходно Министерството дало негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение.
Од Министерството посочуваат дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки врз основа на „правни акти на САД и правни акти на Обединетото Кралство“ беше во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Северна Македонија. Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто, велат оттаму.
Поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак вчера порача дека не треба да се повлече Законот за рестриктивни мерки. Тој ја даде својата поддршка за носење на овој Закон и посочи дека стратешкото партнерство со САД е значајно за развој на македонското општество.
За опозицијата, пак, повлекувањето на предлог-законот е обид да за заштитат функционерите од Владата на СДСМ и ДУИ кои треба да бидат казнети.
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева вчера на прес-конференција праша од што се плашат СДСМ и ДУИ.
-Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДС и ДУИ. Што и објаснија од ДУИ на стратешките партнери за законот за црните листи? Дали можеби се смета дека ова не е европски закон? Зашто лажната европска коалиција на ДУИ и СДС се плаши. Тие треба да одговорат на овие прашања. Иднината што ја нуди СДС е иднина во која македонската партија е измеќар во владата и слепо служи на овие криминалци од ДУИ. Тоа е иднината со СДС. Со таква влада не 100, за 200 години нема да влеземе во ЕУ. Оттука јасно е зошто на анкетите на јавно мислење на прашањето дали верувате дека владата може да не внесе во ЕУ до 2027-ма година, со „да“ одговараат само 4 посто од гласачите. Значи ни нивните поддржувачи не веруваат во ова што го зборува СДС, рече Митева.
Претходно, со соопштение реагираа и од Беса од каде оценија дека законот е повлечен „за да се заштитат криминалците потврдени и на црната листа на САД“.
-Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДСМ – ДУИ, кои Соединетите Американски Држави ги ставија на црната листа поради нивната вмешаност во финансиски криминал, главно со злоупотреба на позициите и се збогатија на грбот граѓаните. Многу бргу на ДУИ им паднаа маските. На виделина е фактот дека техничкиот премиер Талат Џафери решил технички да ги спаси криминалците потврдени и од САД, се вели во соопштението од Беса.
Измените во Законот произлегоа по проширувањето на црната листа на САД. МНР минатиот месец започна јавна расправа за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои и американската „црна листа“ ќе биде основа за воведување на мерки од државата врз лица и фирми. Предлог измените, како што најави тогаш министерот Бујар Османи, предвидуваат и воведување два важни инструменти, институцијата предлагач да ги побара и да ги поднесе сите материјални докази до Обвинителството, а ЈО да почне постапка, вклучувајќи и конфискација на имот и доколку заврши со обвинение, се предвидува и времено спречување на вршење на јавна функција и и забрана за учество во јавни набавки доколку се работи за правни субјекти.
„Црната листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се прошири со неколку звучни имиња од земјава. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Сергеј Самсоненко, Рамиз Мерко … им се придружија на поранешнот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков. По ова, Владата во ноември минатата година, најави дека работи на иницијатива за промени на законската регулатива во однос на третманот на лица кои се на листата на санкции, така што ќе се прошири опфатот и освен ОН и ЕУ да бидат вклучени и санкциите, кои ги воведуваат САД.
За важноста од поодлучно справување со корупцијата повеќе пати се огласија високи американски претставници, меѓу кои и американската амбасадорка Агелер, која на брифинг со новинари кон крајот на минатата година го оцени како позитивен чекорот на Владата да предложи закон со кој автоматски ќе се отвора истрага во земјава секое лице кое ќе се најде на „црната листа“ на САД, што досега се практикуваше за листите на ЕУ и ОН, но и потенцира дека во земјава постои епидемија на корупцијата, која е присутна во сите пори на општеството.
-Има епидемија на корупција во оваа држава. Таа е во секој сектор, секоја организација, и само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа, рече Агелер, која во повеќе наврати одговарајќи на новинарски прашања не кажа дали ќе има проширување на листата.
На истото прашање не даде одговор, ниту американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан, кој беше во посета на Скопје на лидерскиот состанок за Планот за раст на Западен Балкан минатата недела, а во интервју за МИА говорејќи за црните листи и нивниот реален ефект, рече дека тие се само дел од решението.
-Тие се само дел од решението. Важно е јавните добра да бидат достапни за сите, да има еднаква правда за сите, а не имунитет за некои и гонење на други, како и да нема фаворизирање при, на пример, доделување на тендери. Ова бара сосема нов пристап во многу владини процеси и изискува време. И во мојата земја беше потребно многу време за ова, но веќе сите ги гледаме реалните придобивки од водењето на такви политики. Санкциите и црните листи се само еден делче но истите се ефективни само ако станат дел од поширока промена во системот. Тоа е еден од аспектите што ќе го дискутираме и овде, рече О’Брајан за МИА.
Тој на заедничката прес-конфренција со поранешниот премиер Димитар Ковачевски, по состанокот на лидерите од Западен Балкан во врска измените на Законот изјави дека нема да коментира за законодавните процеси ниту на Северна Македонија, ниту на ЕУ, но дека прашањето за улогата на санкциите на САД во борбата против корупцијата е малку сложена.
Северна Македонија годинава има скок во позицијата на Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2023 година и се ноѓа на 76 место со 42 поени, но согласно методологијата на Транспаренси интернешнл секој резултат под 50 поени се смета за неуспех во борбата против корупцијата, односно дека во државата има високо ниво на корупција.
Во Извештајот се нотира дека во септември 2023 година, Собранието на Северна Македонија значително го поткопало судството. Во нетранспарентна и брза постапка пратениците го измениле Кривичниот законик намалувајќи ги затворските казни и рокот на застарување на делата за злоупотреба на службената положба. Ова, се вели во Извештајот, ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери.
Од вкупно 180 земји, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава се наоѓа во друштво на Бахреин, Кина, Куба, Унгарија, Молдавија и Тринидад и Тобаго. Најголем скор и годинава има Данска со 90 индексни поени, по што следи Финска со 87 и Нов Зеланд со 85. Индексот на перцепција на корупција за 2023 година, генерално, покажува дека корупцијата напредува низ целиот свет.