– Манчестер Јунајтед веќе донел одлука да се раздели со својот менаџер Ерик Тен Хаг ова лето, пренесува Џанлука Ди Марцио.
Популарниот стручњак за трансфери зборуваше за холандската веб-страница „сокерњуз.нл“ каде откри дека, како и ривалите Челси, и црвените ѓаволи ќе бараат нов менаџер по крајот на оваа сезона.
Според него, опции пред управата на клубот се Киеран Мекена, Маурисио Покетино и Роберто Де Зерби.
Доколку „сините“ го назначат актуелниот тренер на Ипсвич, тогаш мета на Јунајтед ќе биде Аргентинецот, кој до вчера беше на чело на лондончани. Што се однесува до италијанскиот стручњак, од „Олд Трафорд“ допрва треба да контактираат со поранешниот менаџер на Брајтон.
Причината за очекуваната разделба на фудбалерите на Манчестер со Тен Хаг е неубедливиот настап на тимот во Премиер лигата во штотуку завршената кампања. „Црвените ѓаволи“ завршија само на осмото место во поредокот со 14 првенствени порази и негативна гол разлика.
Доколку не успеат да победат во саботното финале на ФА Купот против градскиот ривал Манчестер Сити, ќе бидат надвор од европските натпреварувања следната сезона.