Албанскиот премиер Еди Рама на социјалните мрежи објави фотографии од финалната фаза на работите на зградата надалеку позната како Пирамидата на Тирана.
Поранешниот мавзолеј на Енвер Хоџа, а потоа и меѓународен културен центар „Пјетер Арбнори“ сега целосно се реконструира за да го пречека седиштето на Тумо Албанија, кое според владините цели ќе биде „најголемиот центар на дигитална технологија на Балканот“, како што пишува самиот премиер во својата објава на Фејсбук.
Проектот за ревитализација на запуштената пирамида од комунистичкиот период има за цел да го трансформира објектот во мултифункционален центар, обезбедувајќи простор за младите и луѓето да се занимаваат со уметност, култура и креативна технологија.
Пирамидата ТУМО ќе има и балкон, кој ќе служи како туристичка атракција поради панорамскиот поглед на градот, а воедно е замислен како цветна градина.
Овој центар финансиран од Владата, општина Тирана и американскиот фонд за развој, ќе има 18 соби во кои младите ќе можат да учат за различни компјутерски програми и 14 други простории за учење на природни науки.
Според проектот, Пирамидата е поделена на три дела каде еден дел ќе биде за ТУМО и за наставата што ќе се одржува внатре, еден дел ќе бидат бизнис системи и ИТ претприемачи каде многу од стартапите ќе вежбаат и тестираат производи. Иновацијата е во рециклирањето на целиот материјал оставен во пирамидата, кој ќе се користи за создавање на новата зграда, додека лизгачкиот надворешен дел ќе биде уреден каскадно како место за одмор на студентите.
На фотографиите што ги сподели премиерот се гледа дека работите се во финална фаза, но како и почетокот на цветањето на цветната градина што ќе ја опкружува зградата на булеварот „Народни херои“.
Неодамна весникот „Њујорк тајмс” посвети текст за проектот за трансформација на пирамидата од Тирана што ќе ја претвори во голем регионален центар на технологија и иновации и се очекува да биде отворен оваа пролет.
Познатото списание од областа на архитектурата „Dezeen”, пак, ја оцени трансформацијата на Пирамидата во Тирана како еден од 12-те најдобри архитектонски проекти во светот.