Рама со нападите против СПАК „сее семе на недоверба“ во правосудниот систем, оцени БИРН

Албанскиот премиер Еди Рама вчера отиде чекор понапред од нападите по апсењето на градоначалникот Ерион Велиај против СПАК и Специјалниот суд, кога на состанокот на пратеничката група на Социјалистичката партија најави дека повеќе нема да ги прифаќа безбедносните мерки донесени од нив, пренесуваат албанските медиуми.

„Овие притвори со пад на молив и овие нотарски заверки во Специјалниот суд, со филозофија дека тоа што го носиме таму, само потпишуваат, дефинитивно, дека сме Америка, јас веќе не ги прифаќам и нема да ги прифаќам“, рече понатаму Рама.

Состанокот беше свикан специјално за да се таргетираат СПАК и ЃКККО во врска со 24 безбедносни мерки за вработените во Земјоделскиот универзитет во Тирана, кои се обвинети за злоупотреба на тендери. Во вторникот Рама ги нарече безбедносните мерки „без судење“ и го покани ректорот Фатбард Салаку да зборува пред пратеничката група на Социјалистичката партија.

Експерти од правосудниот систем и неговите набљудувачи за БИРН изјавија дека позициите на премиерот се неосновани и звучат како покана да се прекрши законот и да се поткопува довербата на јавноста во правдата.

Шефот на Албанскиот комитет на Хелсинки, Ерида Скендо, изјави дека реториката на премиерот Еди Рама потсетува на флагрантни случаи во минатото кога извршните лидери не ги прифаќале одлуките на правосудниот систем.

„Во изминатиот период имавме флагрантни случаи на неизвршување на обвинителни наредби од страна на Државната полиција, како што беше инцидентот од 21 јануари. Секоја судска одлука е задолжително да се спроведува и секој што ќе го попречува нејзиното спроведување треба да се гони за злоупотреба на службената положба (член 248 од Кривичниот законик), пречки за извршување на судски одлуки (член 320) или неизвршување без легитимни причини на судската одлука (чл. 320/а)“, рече Скендај.

Рама јавно го промени односот кон Обвинителството и Специјалниот суд по апсењето на градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај под обвинение за корупција и перење пари.

Претходно, Рама и другите политичари на Социјалистичката партија ја применуваа политиката на одбивање да ги коментираат истрагите и апсењата што ги спроведува Специјалното обвинителство во редовите на мнозинството. По апсењето на Велиај, Рама беше вклучен во напади и реплики против обвинителот и судијата на случајот, предупредувајќи на нова реформа во правосудниот систем.