Претседателот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, им порача на Албанците во Северна Македонија дека не треба да му веруваат на „измамникот Албин Курти“, пренесува Kosova Online.
Вака Рамуш Харадинај реагираше на обраќањето на Албин Курти при вчерашната посета на Тетово, каде кажа дека патот Призрен-Тетово, како регионален проект, е многу важен и дека придонесува за развојот и на Косово и на Северна Македонија.
Рамуш Харадинај, во објава на социјалната мрежа Фејсбук, напиша дека сите проекти и патишта на Косово се блокирани.
„Не му верувајте на измамникот Албин Курти. Сите патишта и проекти се блокирани во Косово, вклучително и патот Плав. Бидејќи веќе не може да ги лаже граѓаните на Косово, дојде да ве излаже, зборувајќи за патот Тетово – Призрен. Истото го пробал и во Албанија, но не му поверувале и го избркале. Не потпаѓајте на неговите трикови“, напиша Рамуш Харадинај.