Деменцијата е прогресивна болест која влијае на функцијата на мозокот, предизвикувајќи со текот на времето влошување на когнитивните способности како што се меморијата и расудувањето, заедно со говорот и емоциите.Во овој поглед, матичниот лекар Јоханес Ујс изјави дека постојат некои рани предупредувачки знаци на деменција кои можат да се видат дури и пред да започнат проблемите со меморијата.
Како што објавува „Сари лајв“, бројот на луѓе со деменција се зголемува како што луѓето живеат подолго. Иако нема лек, клучно е брзо да се дијагностицира болеста за да може да се воспостави план за лекување и лекови за ефикасно справување со симптомите.
Д-р Ујс, од општата пракса Бродгејт во Лондон, идентификуваше неколку рани предупредувачки знаци што би можеле да сигнализираат за почеток на деменција.
Тој откри четири рани знаци на кои треба да се обрне внимание, а кои почесто се поврзуваат со одредени видови деменција, како што е деменцијата предизвикана од Паркинсонова болест. Експертот, исто така, нагласи дека симптомите варираат од личност до личност, при што секое лице доживува деменција на свој начин.
„Сепак, ако забележите некој од овие рани знаци кај себе или кај некој близок, важно е да се консултирате со лекар за темелна евалуација. Раното откривање и интервенција можат да помогнат во справувањето со симптомите и да се обезбеди потребната поддршка“, рече тој.
Ујс ги сподели овие четири рани знаци на кои треба да се внимава: нестабилно одење, несмасност, тешкотии при координација и тремор или вкочанетост во екстремитетите.
Факторите на ризик за деменција се комбинирани, некои се неизбежни како возраста, додека други можат да се контролираат со промени во животниот стил на помлада возраст.
Редовната физичка активност и балансираната исхрана се познати по намалувањето на ризикот. Други корисни промени вклучуваат одржување на здрава тежина, откажување од пушење, намалување на консумирањето алкохол и нивото на холестерол.
Националната здравствена служба сугерира дека намалувањето на внесот на заситени масти, сол и шеќер и зголемувањето на внесот на растителни влакна исто така може да помогне.