– Принудно раселените цивили во северозападната сириска област Идлиб се борат да преживеат на високи температури во импровизирани шатори.
Топлотниот бран, кој стана глобален феномен, негативно влијае врз животите на цивилите што нашле засолниште во Идлиб откако избегале од сирискиот режим и неговите сојузници.
Температурата на термометарот во импровизираните шатори, каде што живеат стотици илјади цивили, вчера достигна 47 Целзиусови степени.
Локалните власти ги предупредуваат жителите да не излегуваат надвор на топло време, освен ако е апсолутно неопходно.
Борејќи се со екстремните температури, семејствата немаат пристап до струја, што им го отежнува престојот во импровизираните шатори.
Семејствата се обидуваат да ги разладат своите деца истурајќи им вода од пластични садови.
Меѓу родителите на децата со хронични заболувања расте загриженоста поради прекумерната влажност и топлина, а забележани се и случаи на кожни болести и дијареја.
Халид Хамди, кој живее во кампот Нур во селото Зердана во северниот дел на Идлиб, за Анадолу изјави дека екстремните горештини повеќе ги погодуваат децата и постарите лица.
„Постарите луѓе се обидуваат да се разладат носејќи облека натопена со вода. Освен тоа, децата се борат со многу болести, како што е дијареја“, рече тој.
Мохамед Халеби, исто така, тврди дека цивилите во кампот се борат за опстанок.
„Се бориме со екстремно топлото време. Се обидуваме да ги разладиме децата со водата што ја чуваме за да не се разболат. Вентилаторот на ладилникот на автомобилот го претворив во домашен ладилник, но тоа не беше адекватно решение. Тука имаме тешкотии дури и да ги задоволиме основните потреби“, рече Халеби.
Сириската граѓанска војна започна во 2011 година кога режимот на Башар ал-Асад ги разби продемократските протести.
Според процените на ОН, оттогаш се убиени стотици илјади луѓе, а милиони се раселени.