Бројот на загинати во сообраќајни несреќи во земјава континуирано расте од 2021 година, иако се возат побезбедни автомобили и инфраструктурата е подобрена во однос на изминатите децении.
По донесувањето на Првата Национална стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2009-2014 и Втората Национална стратегија за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2015-2020 нема нов официјален докумет или насока која води кон зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Можеби е само коинциденција, но, иако целите за драстично намалување на бројот на загинати на патиштата во земјава не беа постигнати, статистиката покажува дека од 2013 година, со тогаш рекордни 198 загинати, па до 2021 година кога имало 116 смртно настрадани е забележано одредено намалување на бројот на загинати во сообраќајните несреќи.
Но во 2022 имало 124, една година подоцна 127, а лани 142 загинати.
Состојбата е полоша и во однос на повредените лица, бидејќи во 2011 имало 6.853 повредени, а во 2023 тој број е зголемен на 6.978.
Сообраќајна некултура
Дека сообраќајна култура е сѐ повеќе на ниско ниво и не напредува сразмерно со развојот на возилата и инфраструктурата, освен статистиката потврдува и Маја Арсова Манов, началник на Секторот за сообраќајни работи при МВР.
„За сообраќајната култура придонесуваме сите. Не може да се потенцира една причина за таквата состојба, туку целиот склоп на настани го прават своето. Да, имаме посовремени возила, имаме и подобри патишта, интензивно се работи на подобрување на патната мрежа, особено на отворените патни правци. Меѓутоа, за жал, сообраќајната култура е на сѐ пониско ниво“, вели Арсова Манов.
Таа потенцира дека за да се подобри состојбата секој од нас треба да тргне од себе, бидејќи сите сакаме да имаме систем кој ќе функционира, но не придонесуваме тоа да биде така.
„Сите сакаме да се паркира на паркинзи, да се врзува појас, да се вози според сообраќајни правила, меѓутоа, сето тоа да не важи за секого од нас. Да, ја можам да скршнам од тука, јас може да паркирам тука само минутка.., такви сме во сообраќајот, навистина“, вели началничката.
Брзото возење останува главната причина за предизвикување на сообраќајните несреќи, но ако во 2010 година пребрзото возење било причина за 1.219 сообраќајки, во 2023 година бројот се зголемил на 1.845.
Само за илустрација, полицијата лани регистрирала над 65.000 прекршоци за брзо возење.
Навиките кај граѓаните тешко се менуваат, па возењето под дејство на алкохол е речиси традиција. Во 2010 година управувањето под дејство на алкохол било причина за 132 сообраќајни несреќи, а во 2023 година за 268.
МВР во 2024 година извршила над 87.700 алкотестирања, а поради возење под дејство на алкохол биле времено одземени 6.600 возачки дозволи.
„Одиме редовно на терен со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и спроведуваме превентивни кампањи. И сопираме граѓанин, му даваме флаер, на пример за капмања за врзување појас, му кажуваме како треба да се однесува и што треба да направи, тој ќе каже благодарам и ќе трге. „Чекајте господине, па што разговаравме досега, ставете го појасот“. Ете, до толку ни е сообраќајната некултура“, вели Арсова Манов.
Диви возачи
Посебен проблем кој се издвојува во изминативе години е зголемениот број на „диви“ возачи, кои „безгрижно“ крстарат по патиштата низ земјава.
Полицијата лани фатила над 22.000 вакви возачи, или повеќе од 60 секојдневно, кои учествувале во сообраќајот без воопшто да стекнат право да управуваат возило.
Еден од нив е и Васил Јованов, кој во центарот на Скопје ја прегази Фросина Кулакова. Повеќекратен сторител на сообраќајни прекршоци кој предизвика огромен револт кај јавноста, поради што институциит темелно ѝ пристапија на истрагата која резултираше и со обвинение за неговиот татко.
По смртта на Фросина, се забрза и процедурата за ставање во функција и на системот Безбеден град, односно употребата на камери за регистирање на сообраќајните прекршоци, кој со децении се одолговлекуваше.
„За првпат се воведува вакво нешто за разлика од нашите соседи каде секаде има електронски ситем за детекција на сообраќајни прекршоци. Сега се прават измени на повеќе закони и на Кривичниот законик. Сето тоа прави една склопка, кога тие делови ќе се поклопат, тој мозаик, тогаш ќе почне. Интензивно се работи, сите институции, имаме професори од правен факултет кои навистина вложуваат максимум за сето тоа. Ги користиме аномалиите и недостатоците кај нашите соседи каде што они имаат проблем ние предвреме да ги видиме“, вели началничката за системот кој треба да профункционира од 1 јануари 2026 година.
Сообраќајната некултура и непочитување на останатите учесници во сообраќајот доби на сила низ годините како резултат на транзицијата и шупливиот правосуден систем.
Систем од кој се изродија бесни и некултурни возачи поради непишување на казни или нивно кинење преку врски и никакви или симболични затворски казни за тешки сообраќајни несреќи.
Ригорозни и санкции за сите прекршители на сообраќајните правила се само почеток во создавање на сообраќајна култура во која нема на прво место да биде грижата за автомобилот, кој на крајот е само средство да се стигне побрзо на некое место, туку сопствената безбедност, а со тоа и за сигурноста на сите учесници во сообраќајот.