Раст на станбените и автомобилските кредити во јануари

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити остварија раст од 11,0%, во поголем дел поради растот на депозитите на „домаќинствата“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.

– Во јануари 2025 година, паричната маса е намалена за 1,6% на месечна основа, пред сè како резултат на падот на депозитните пари, при негативен придонес и на краткорочните депозити и на готовите пари во оптек.

На годишно ниво, паричната маса бележи зголемување за 9,1%, поради растот на депозитните пари, долгорочните депозити до две години, готовите пари во оптек и краткорочните депозити.

Вкупните депозити во јануари бележат месечен пад од 1,3%, во целост како резултат на намалените депозити на корпоративниот сектор, додека депозитите на секторот домаќинства се зголемуваат.

Споредено на годишно ниво, вкупните депозити остварија раст од 11,0%, којшто во поголем дел се должи на зголемените депозити на секторот „домаќинства“, при позитивен придонес и на депозитите на корпоративниот сектор.

На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 11,3% како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.

Вкупните кредити, во јануари, се намалени за 0,1% на месечна основа, како резултат на падот на кредитирањето на корпоративниот сектор, при раст на кредитите на „домаќинствата“.

Во јануари, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, е остварен месечен пад од 0,3%, при годишен раст од 8,4%, додека станбените кредити се зголемени за 0,5% и 12,7% на месечно и на годишно ниво, соодветно.

Овој месец, автомобилските кредити бележат месечен и годишен раст од 0,7% и 5,1%, соодветно.

Во јануари, кај кредитите одобрени на кредитни картички е забележан пад од 1,1% и 9,0% на месечно и на годишно ниво, соодветно.