Квалификациите за вториот грен слем годинава се на добар пат, а бурата сè уште не стивнува по одлуката на Доминик Тием да не му ce додели специјална проштална покана, а тој веќе е елиминиран во второто коло од плеј-офот.
Додека дел од играчите бараат пат до главната ждрепка преку квалификациите, поради заштитениот пласман Рафаел Надал влезе во главната ждрепка и се подготвува за предизвиците кои го очекуваат во Париз. Освојувачот на четиринаесет пехари на Ролан Гарос беше фотографиран во вторникот на истиот терен на кој тренираше Арина Сабаленка, а дежурните твитерџии не пропуштија ниту еден детаљ.
Надал помина покрај Белорусинката, и’ кажа нешто и ја насмеа, а потоа со прстот ја допре за грбот, на што Арина не ни реагираше, но имаше интересен одговор на еден од коментарите.
– Сега си благословена да победиш – гласи една објава на мрежата Х, на која Сабаленка само накратко напиша:
– Хахахаха да видиме – со емотикони за насмевка и вкрстени прсти.
Имаше многу различни коментари како „Рафа срамежлив тип“ или „Допрен од раката на Бога“ но и некои не толку пристојни.
Белорусинката го освои својот втор Грен слем трофеј оваа година, повторно во Австралија. На Ролан Гарос никогаш не „турна“ подалеку од полуфиналето, каде лани беше поразена од Каролина Мухова.