Реал Мадрид го официјализираше доаѓањето на 18-годишниот суперталент од Ривер Плата, Франко Мастантуоно, со што го победи ПСЖ во директна битка за потписот на овој млад човек. Трансферот е вреден вкупно 63,2 милиони евра, а Ривер Плата има право на 45 милиони нето, додека остатокот ги покрива даноците, агенциските и другите трошоци.
Договорот е потпишан на шест години, со рок на истекување до 30 јуни 2031 година, а договорот вклучува откупна клаузула од една милијарда евра.
ПСЖ му понуди на аргентинскиот тим 45 милиони евра за неговите услуги.
„Вистина е, многу клубови разговараа со мене и им се заблагодарувам. Разговарав и со Луис Енрике, но Чаби Алонсо ми се јави тогаш и беше многу убедлив, тоа ми се допадна. Едвај чекам да соработувам со него“, рече Мастантуоно.
Мастантуоно се смета за најперспективен аргентински фудбалер. Тој беше стандарден играч во првиот тим на Ривер Плата, а може да игра и како десно крило и како офанзивен играч од средниот ред. Интересно е што тој го потпиша договорот со Реал на денот кога стана полнолетник.
Тој веќе доби шанса во репрезентацијата на Аргентина, за која дебитираше во квалификациите за Светското првенство.