Иднината на Лука Модриќ на „Сантијаго Бернабеу“ се уште е неизвесна. Актуелниот договор на хрватскиот капитен со Реал Мадрид истекува во јуни, а „Кралскиот клуб“ не само што не му понудил нов, туку се уште не започнал прелиминарни разговори за можно продолжување на соработката.
Поради сето ова, се погласни се шпекулациите дека 37-годишниот играч од средниот ред би можел да го напушти Мадрид како слободен играч на лето, а шпанските спортски весници пишуваат дека неговата нова дестинација за игра би можела да биде – Јувентус.
Шпански весник специјализиран за движењата на фудбалскиот пазар тврди дека постои можност Масимилијано Алегри да биде заменет со Зинедин Зидан на крајот од сезоната и дека таквиот пресврт на настаните може да биде еден вид поттик за доаѓање на Модриќ во редовите на торинскиот гигант.
„Доаѓањето на Зидан може да го донесе и Модриќ во Јувентус, кој најверојатно ќе го напушти Реал на крајот на сезоната. Јувентус би можел да го доведе Модриќ без обештетување“, пишуваат Шпанците и потсетуваат на одличниот однос што го имале Модриќ и Зидан за време на нивната соработка.
„Понудите од МЛС и Обединетите Арапски Емирати се интересни, но Модриќ на крајот би можел да ги избере Јувентус и Зидан“, тврдат шпанските спортски весници.