Асот на бразилската репрезентација и Реал Мадрид, Родриго, пред камерата призна дека клубот му забранил да зборува за конфликтот што неодамна го имаше со поранешната ѕвезда на Барселона и капитен на Аргентина, Лео Меси.
Родриго пред десетина дена пред почетокот на квалификацискиот натпревар за Светското првенство меѓу Бразил и Аргентина имаше жестока вербална пресметка со славниот Аргентинец.
Да потсетиме, почетокот на натпреварот доцнеше половина час поради големи нарушувања на трибините.
Приврзаниците на Аргентина беа безмилосно тепани од полицијата, па Меси реши да го однесе тимот во соблекувалната додека не се смири ситуацијата.
На бразилскиот ас Родриго не му се допадна одлуката на Аргентинците, кои влегоа во жестока расправија со Родриго де Пауло и Меси. Бразилецот наводно го нарекол Меси „кукавица“, што го налутило капитенот на „Гаучосите“, кој го фатил за врат и му свикал:
„Ние сме светски шампиони, зошто да сме кукавици? Пази што зборуваш“, луто му рекол Меси на својот 14 години помлад ривал.
По триумфот на Реал над Наполи во Лигата на шампионите (4:2), новинарите побараа коментар од младиот ас на кралскиот клуб за тој конфликт, а добија шокантен одговор.
„Не ми е дозволено да зборувам за тоа“, изјави Родриго.
На прашањето зошто, Бразилецот додаде:
„Не можам, клубот не ми дозволува да зборувам за тоа“, рече Родриго и веднаш се оддалечи од новинарите кои беа во целосно неверување.