Регионален развој без резултати, јавните инвестиции блокирани во локалните приоритети

Државниот завод за ревизија спроведе ревизија на успешност на тема „Влијание на јавните инвестиции врз рамномерниот регионален развој“, со цел да утврди дали јавните инвестиции се планираат и спроведуваат ефикасно и ефективно и дали придонесуваат за долгорочен одржлив регионален развој, објавува Телеграф Македонија.

Ревизијата го опфати периодот од 2021 до 2023 година, во кој беа анализирани јавните инвестиции за рамномерен регионален развој за кои беа издвоени или одобрени средства од Буџетот за финансирање на проекти на општини и плански региони, вклучувајќи податоци и активности спроведени до датумот на подготовка на извештајот.

Со спроведената ревизија и применетата методологија за ревизија и врз основа на собраните ревизорски докази, добиено е разумно уверување дека мерките и активностите преземени за издвојување средства за рамномерен регионален развој во износ од најмалку 1% од БДП од Буџетот на годишно ниво не се постигнати, изборот на проекти не е ефикасен со цел финансирање на јавни инвестициски проекти за потребите на граѓаните со влијание врз регионалниот развој, а исто така не е воспоставен ефикасен мониторинг и не постои систем за проценка на одржливоста на проектите пред да бидат одобрени и по нивното завршување.

Системот SiReRa (Систем за координација во планирањето, спроведувањето, следењето и евалуацијата на политиката за рамномерен регионален развој) не е интегриран со трезорскиот систем, што доведува до недоследности во информациите за средствата наменети за рамномерен регионален развој.

За 2023 година, според податоците добиени од Министерството за финансии, средствата наменети за регионален развој изнесуваат 2,91% од БДП, додека според системот SiReRa тие изнесуваат 0,74% од БДП. Од овие средства, само 5% до 10% се распределуваат преку Програмата за рамномерен регионален развој, а остатокот се распределува преку програми на други министерства за кои, поради недостаток на подзаконски акт предвиден во законот, не може да се утврди ефектот врз регионалниот развој.

Ревизијата заклучи дека не постои систем за мерење и препознавање на регионални проекти во согласност со добрите практики на ЕУ и нема јасни критериуми за да се утврди дали инвестицијата спаѓа во категоријата проекти со регионално влијание или проекти за локален развој.