Работоспособното население во регионот значително се намалило, а според проекциите, се очекува да се намали за речиси 20 проценти до 2050 година. Ова го нотира Светска банка во извештајот за економски раст на Западен Балкан.
„Доколку продолжат сегашните трендови во населението, економскиот раст и пазарот на трудот, регионот би можел да се соочи со недостиг од повеќе од 190.000 работници во следните пет години“, се вели во извештајот.
Економскиот раст на Западен Балкан забави во текот на 2025 година, со оглед дека инфлацијата доведе до намалување на потрошувачката, додека зголемената неизвесност ја ограничи трговијата и инвестициите, и покрај солидниот раст на платите и кредитите.
Раст од 2,6 проценти на македонската економија годинава, од 2,7 во 2026, а од 2,8 проценти во 2027 година, прогнозира Светска банка во Редовниот економски извештај за Западен Балкан. Во однос на проекциите на СБ од есента минатата година има зголемување од 0,1 процентен поен кај македонскиот БДП за годинава, а намалување за 0,3 проценти поени кај проекцијата за следната година.
Во извештајот се наведува дека економскиот раст во Западен Балкан се проектира малку да забави во 2025 година како последица на послабата надворешна побарувачка и економската несигурност која произлегува од менувањето на глобалните трговски политики што би можело негативно да влијае врз бизнисите и довербата на потрошувачите.
Какви се проекциите на Светска банка за економски раст на Западен Балкан?
Светска Банка предвидува дека комбинираниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 3,2 проценти во 2025 година, што е за 0,5 процентни поени под претходните проекции. Растот се предвидува да забрза до 3,5 проценти во 2026 година.
Надолна коренција од 0,3 процентни поени за годинава има за албанската економија, за каде е проектиран раст од 3.2 проценти, кај БиХ и кај Црна Гора исто така надолна корекција за по 0,5 процентни поени, со што растот во тие држави ќе изнесува 2,7 проценти, односно три проценти. Кај Косово има пад на проекцијата за 0,1 процент со којшто БДП ќе изнесува 3,8 проценти, а кај Србија исто така пад но за 0,7 проценти и српската економија ќе има раст од 3,5 проценти.
Потреба од преформулирање на стратегиите за работни места
Шаокинг Ју, директорот на дивизија за Западен Балкан во Светска банка, Западен Балкан напредува во намалувањето на развојниот јаз во однос на напредните економии на Европската Унија, но растот сепак не е доволен за да се затвори овој јаз.
„За да му се помогне на регионот, важно е да се преформулираат стратегиите за работни места: охрабрување на поголемо учество на пазарот на труд, подобрување на вештините на населението и раст на фирмите преку дигитални надградби“, истакнува Ју.