Редици пациенти по ходници чекаат за преглед: Хаос во британските болници, немаат ни струја

Извештајот на Кралскиот колеџ за медицински сестри (RCN) во Лондон покажа дека пациентите умираат во болничките ходници, без да бидат видени со часови, а персоналот работи во пренатрупани и несоодветни простори.

Според Скај њуз, повеќе од 5.000 медицински сестри пријавиле дека обезбедуваат нега секој ден на ходниците и паркинзите, без основна медицинска опрема.

Вработените се соочуваат со ситуации кога згрижуваат дури 40 пациенти по ходниците, без пристап до основна медицинска опрема како кислород и опрема за реанимација. Некои жени дури имале спонтани абортуси во ходниците, додека медицинските сестри велат дека не можат правилно да ги реанимираат пациентите кои страдаат од срцев удар.

Во извештајот се наведува и дека многу соби во болниците немаат ниту струја, што дополнително ја отежнува работата на медицинскиот персонал.

Во Англија има недостиг од 32.000 медицински сестри, а речиси една од осум медицински сестри ја напушта професијата во рок од пет години од квалификацијата. Затоа, РЦН предупредува дека моменталната ситуација е неприфатлива и претставува „срам“ за британскиот здравствен систем.