Редовното консумирање на овие намирници може да ви помогне да го регулирате високиот холестерол

Високиот холестерол влијае на здравјето на срцето, а консумирањето на одредени видови храна го зголемува ризикот од срцеви заболувања.

Доколку во вашето семејство има историја на срцеви заболувања, клучно е редовно да го проверувате нивото на холестерол со едноставен тест на крвта.

„Важно е да се знае дека идеалното ниво на лош холестерол зависи од вашиот ризик од срцеви заболувања, а не само од она што се смета за нормално“, истакнува д-р Роберт Тод Херст.

Д-р Херст вели дека нивото на лош холестерол кај повеќето луѓе е генетски определено, што значи дека промените во животниот стил понекогаш не се доволни. Затоа е клучно да се разговара со кардиолог за најдобриот начин за негова контрола, а исхраната останува моќна алатка за одржување на здравјето на срцето.

Експертите нагласуваат дека најважно е да се ограничи внесувањето на заситени масти и транс масти.

„Треба да бидете внимателни со прекумерната консумација на алкохол и производи со многу додаден шеќер, бидејќи тие исто така можат да го зголемат лошиот холестерол“, вели д-р Херст.

Освен што треба да се избегнува штетна храна, важно е да се вклучат и оние што помагаат, вклучувајќи овес, јаткасти плодови и грав.

Ако го започнете денот со чинија овесна каша, веќе сте на вистинскиот пат. Лекарите го истакнуваат овесот како соодветна храна за намалување на холестеролот поради високата содржина на влакна. Растворливите влакна од овесот во тенкото црево создаваат гел што ја спречува реапсорпцијата на холестеролот и го отстранува од крвотокот. Покрај тоа, бавното варење на влакната спречува ненадејни скокови на шеќерот во крвта.

За здрава ужина, кардиолозите препорачуваат неколку несолени јаткасти плодови. Д-р Херст ги издвојува бадемите и оревите како исклучително корисни. Тие се богати со мононезаситени и полинезаситени масти кои се добри за срцето.

Кога станува збор за извори на протеини, д-р Ахабуе препорачува консумирање грав. Како и овесот, гравот е полн со растителни влакна, кои се неопходни за здравјето на срцето, за разлика од животинските протеини, на кои им недостасуваат.

Ако постојано се придржувате до диета што вклучува овес, јаткасти плодови и грав, можете да очекувате видлива разлика во нивото на холестерол за околу три месеци.

„Во случаи кога е неопходна и терапија со лекови, лошиот холестерол може значително да се намали веќе во рок од неколку недели“, тврди д-р Херст.