Цената на златото забележа еден од најголемите годишни скокови овој век, со раст од 27 отсто благодарение на олабавувањето на монетарната политика во САД, поради постојаните геополитички ризици и бранот купувања од централните банки.
Иако цената на златото падна по убедливата победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во ноември, годишниот раст на цените во 2024 година сè уште ги надминува повеќето други стоки. Основните метали имаа мешани резултати, железото значително падна, додека проблемите со литиумот станаа уште поизразени.
Различните резултати во текот на 2024 година го истакнуваат отсуството на единствен фактор кој би влијаел на пазарите на метали, но и го привлекува вниманието на тоа како би можеле да се однесуваат основните и благородни метали во 2025 година. Инвеститорите се фокусирани на неизвесноста во однос на монетарната политика на САД, потенцијалните тензии во текот на Претседателството на Трамп и напорите на Кина да го заживее економскиот раст.
Силните добивки на златото оваа година, кои поставија нови рекорди, би можеле да укажат на промена на пазарната динамика, со оглед на тоа што тие се постигнати и покрај посилниот долар и зголемените реални приноси на американските обврзници, што нормално негативно влијае на цената на златото.
Индексот со шест метали LMEX на Лондонската берза за метали забележа скромни годишни добивки, при што послабата кинеска побарувачка делумно се компензира со проблемите со снабдувањето, особено со бакар и цинк, кои би можеле да опстојат во 2025 година. Литиумот, кој се користи за производство на батерии, се соочува со втора последователна голема годишна корекција, поради до тешка и постојана глобална прекумерна понуда, со дополнителни проблеми во индустријата за електрични возила.
Цената на златото на самото место е 2.622,73 долари за унца (31,1 грам), во споредба со октомврискиот максимум над 2.790 долари. Фјучерсите за железна руда се зголемија за два отсто до 100,85 долари за тон во Сингапур, додека бакарот поскапе за 0,2 отсто на 9.000 долари за тон.