Златото не е единствениот благороден метал чија цена расте на светскиот пазар. Имено, цената на среброто се зголеми за 75 проценти од почетокот на оваа година, што е резултат на потрагата на инвеститорите по безбедно засолниште, зголемената побарувачка за сребро во индустријата и недостатокот на негова понуда на пазарот.
Цената на унца сребро денес достигна рекордни 51 долар, надминувајќи ја рекордната цена од 50 долари од 1980 година. Затоа, цената на овој благороден метал е највисока во последните 44 години.
Трговците купуваат сребро, злато и други скапоцени метали бидејќи тие се безбедна инвестиција и се заштитени од геополитичка нестабилност, економска неизвесност, загриженост за американските тарифи и националниот долг на САД, инфлација и загриженост за независноста на Федералните резерви на Соединетите Американски Држави (ФЕД).
Растот на цената на среброто е поткрепен со порастот на цената на златото, со рекордна цена од четири илјади долари за унца.
„Постои голема загриженост за глобалната економија и кога е тоа случај, луѓето се свртуваат кон средства како среброто. Среброто има тенденција да го следи златото“, изјави за Си-Ен-Ен Мајкл ДиРиенцо, извршен директор на Институтот за сребро.
Покрај тоа, среброто е широко користено во индустријата и градежништвото. Меѓу другото, се користи за производство на соларни панели и паметни телефони.
„Неговата важност како индустриски метал и безбедно засолниште доведе до зголемена побарувачка за него оваа година, што ја прави 2025 година историска година за овој скапоцен метал“, рече Ева Мантеј од ИНГ банка.
Понатаму, постои загриженост дека недоволната понуда на сребро на пазарот ќе придонесе за зголемување на неговите цени. Имено, пазарот на сребро е во петтата година на структурен дефицит поради, како што истакна Питер Грант од американската компанија за скапоцени метали „Занер Металс“, стагнација во рударското производство, односно производство кое заостанува зад побарувачката.
Всушност, среброто е толку барано што зголемувањето на неговата цена од 75 проценти оваа година беше поголемо од зголемувањето на цената на златото (51 процент), пишува CNN.