Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во вторникот објави дека ќе иницира усвојување на закон со кој ќе се воведе ознака – „непријатели на Република Српска“.
Милорад Додик ова го најави во време кога во ентитетскиот парламент се расправа за измените на кривичниот закон со кои би се донесело казна за клевета, што наиде на жестоки критики од опозицијата, медиумската заедница и невладиниот сектор, како и од Европската унија, САД и ОБСЕ.
„Да бидат запишани во историјата како непријатели на српскиот народ и на Република Српска“, изјавил Милорад Додик за локалните медиуми и ги изненадил сите со нова иницијатива.
Истовремено, тој веднаш ги етикетираше судиите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина како непријатели на РС и додаде дека нема да дозволи некој да ги нарушува правата на тој ентитет.
Тој не појасни какви казни планира да воведе за оние кои според новиот закон ќе бидат прогласени за непријатели на РС.
Додека во парламентот тече расправата за контроверзниот закон за клевета, кој го предложи самиот Милорад Додик, пратеникот од опозицијата Небојша Вукановиќ изјави дека ова треба да биде предупредување до сите дека власта во РС оди кон диктатура.
„Ова не беше ниту во најтемните времиња на едногласност“, нагласил Небојша Вукановиќ.
Парламентарното мнозинство контролирано од Милорад Додик одби да прифати приговори за содржината на законските измени со кои се планира криминализирање на клеветата.
Со предложените измени, клеветата би станала предмет на кривично гонење со пропишани казни до три илјади евра.
Игор Црнадак, претседател на клубот на претставници на Партијата за демократски напредок (ПДП), вели дека ова ја претвора РС во „црна дупка во која никој нема да смее да мрдне“, а прва цел ќе бидат медиумите и новинарите кои критички пишуваат за Владата.