Ретките болести, се само една од темите, што се на агендата на Логопедско – дефектолошко – психолошкиот конгрес, закажан за 29 и 30 април, во организација на Гаспар – Центарот за психофизичко здравје.
Меѓу темите е и таа за психолошка поддршка на родителите на деца со попреченост, а ќе се говори и за децата со попреченост во училница.
Како предавачи најавени се проф. д-р специјалист Стојка Фуштиќ, педијатар – пулмолог, директорка на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести, проф. д-р Горан Ајдински, дефектолог, проф. д-р специјалист Велибор Тасиќ, педијатар – нефролог, м-р Даринка Шостер, мастер логопед, која работи во Република Србија, м-р Фики Гаспар, како и м-р специјалист Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист.
– Целта на овој настан е размена на стручни знаења, приказ на практична работа и запознавање со новините во логопедијата, дефектологијата и психологијата. Настанот е наменет за сите логопеди, дефектолози, специјални едукатори и рехабилитатори, психолози, невропсихолози, педагози, доктори, лингвисти, медицински лица, родители, студенти и сите коишто имаат интерес за овие науки, појасни Гаспар, педагошки психолог и управител на Центарот, организатор на настанот.
Дводневниот конгрес ќе се одржи во Музеј на македонската борба во Скопје.