Питите се секогаш добар избор за ручек, особено затоа што тестото не мора да го расукуваме, туку можеме да го купиме во речиси секоја продавница. Без разлика дали се слатки или солени, овие обожавани деликатеси ги сакаат и младите и старите и се најдоброто решение кога не знаеме што да подготвиме за ручек.
Подолу е рецептот за наједноставната и најевтината пита – онаа со компири, која одлично оди со јогурт.
Состојки:
пакет кори за пита
1 кг компири
голем кромид
сол, бибер
За прелив:
300 мл вода + 50 мл масло
Подготовка:
Излупете ги компирите и кромидот и исечкајте ги на мали коцки. Зачинете ги обилно со бибер и сол.
Во посебен сад измешајте вода и масло и додадете прстофат сол.
Садот премачкајте го со масло. Едната кора ставете ја на дното од садот, премачкајте ја со мешавина од масло и вода, а врз неа ставете ја втората кора. Додадете три лажици од филот и продолжете со процесот додека не ги потрошите сите кори и целиот фил. Последниот слој нека бидат две кори кои добро сте ги „згмечиле“.
Прелијте го остатокот од смесата со вода и масло и ставете ја во рерна загреана на 200 степени околу 35 до 40 минути.
Совет: Наместо обична вода, можете да користите минерална вода, која на корите и дава посебна еластичност и малку поинаква текстура.