Докторите предупредуваат на симптом на висок крвен притисок кој може да се забележи во очите.
Заматениот вид може да биде еден од знаците за опасно висок крвен притисок, предупредуваат докторите. Состојбата, која е позната и како хипертензија, го погодува секој друг Македонец, а симптомите честопати можат да бидат незабележливи. Во светот повеќе од две милијарди луѓе го имаат овој здравствен проблем, а докторите често апелираат да не се игнорира.
Покрај вообичаените симптоми кои укажуваат на висок крвен притисок, како што се главоболка, крварење од носот, замор, отежнато дишење, забрзано чукање на срцето и зуење во ушите, докторите издвоија уште еден симптом за кој веруваат дека исто така укажува на висок крвен притисок. Станува збор за проблеми со видот, поточно заматен вид кој ретко се поврзува со овој проблем.
Како што е објаснето од еден Институт од САД, недостатокот на проток на крв во мрежницата доведува до заматен вид или целосно губење на видот, а луѓето со висок крвен притисок имаат уште поголем ризик да ја развијат оваа состојба. Високиот крвен притисок може да предизвика и акумулација на течност под мрежницата, што го влошува видот.
Ако не се лекува, може да доведе до зголемен ризик од срцеви заболувања и мозочен удар.
„Постојат мерки кои се појдовна точка, а вклучуваат менување на сите штетни животни навики, намалување на солта, телесната тежина, откажување од пушењето и прекумерното консумирање газирани пијалоци. Покрај овие мерки има и многу ефикасни лекови. Мора да се се лекува, бидејќи нелекуваната хипертензија е сигурен пат до развој на компликации. Не се лекува, но треба добро да се контролира. Лековите обично се земаат во текот на целиот живот“, објаснуваат кардиолозите.