Речиси 300 загинати и над 3.000 повредени во судирите во Судан

– Речиси 300 луѓе загинаа во Судан во судирите меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), соопшти шефот на Светската здравствена организација (СЗО).

„Ситуацијата во Судан е сè позагрижувачка. Досега загинаа речиси 300 луѓе, а над 3.000 се повредени. Ги осудувам сите загуби на животи, особено нападите врз цивилите и здравствената заштита“, објави на Твитер генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Тој истакна дека недостигот на безбеден пристап, на електрична енергија, храна, вода, персонал и намалените медицински материјали го оневозможуваат функционирањето на многу здравствени установи во време кога има илјадници повредени на кои им е потребна итна помош.

Челникот на СЗО го повтори својот повик до сите страни да го послушаат повикот за хуманитарен прекин на огнот што, како што рече, ќе им овозможи на оние што се блокирани поради борбите да побараат засолниште.

На цивилите, исто така, да им се овозможи да дојдат до храна, вода и лекови, а пациентите да можат да побараат здравствена заштита за време на хуманитарното примирје, рече Гебрејесус.

„Мирот е единствено решение“, додаде тој.

Веќе шести ден траат борбите меѓу суданската армија и борците на РСФ во главниот град Картум и неговите околни области.

Додека паравоените сили ја обвинија армијата дека ги напаѓа нејзините сили јужно од Картум со лесно и тешко оружје, армијата рече дека паравоените сили „шират лаги“ и ја прогласија за „побунета“ група.