Речиси половина милијарда адолесценти ширум светот ќе бидат со прекумерна тежина или дебели до 2030 година, проценуваат експертите од Комисијата Лансет, предупредувајќи дека здравјето на адолесцентите е на „пресвртна точка“.
Во најновиот, втор извештај на Комисијата на Лансет за здравјето и благосостојбата на адолесцентите, експертите велат дека главните двигатели на лошото здравје кај тинејџерите повеќе не се цигарите и алкохолот, туку зголемувањето на телесната тежина и проблемите со менталното здравје.
Извештајот – само втората анализа за глобалното здравје и благосостојба на адолесцентите од 2016 година – се потпира на податоци од Студијата за глобалното оптоварување со болести од 2021 година и прикажува загрижувачка слика.
Се предвидува дека 464 милиони адолесценти (на возраст од 10 до 24 години) ќе се соочат со дебелина или прекумерна тежина до крајот на деценијата – 143 милиони повеќе отколку во 2015 година.
Извештајот исто така предупредува дека менталното здравје кај тинејџерите бележи „значаен пад“ во последните три децении, a кое е влошено од кризата предизвикана од пандемијата Ковид-19.
Меѓутоа Комисијата на Лансет за здравје и благосостојба на адолесцентите истакна дека „во однос на здравствените ризици, употребата на супстанции (особено тутун и алкохол) е намалена во секој регион“.
До 2030 година, сè уште ќе има над 1 милијарда адолесценти во светот кои ќе живеат во земји каде што здравствените проблеми што можат да се спречат и излечат, како што се ХИВ/СИДА, рана бременост, небезбеден секс, депресија, лоша исхрана и повреди, колективно го загрозуваат здравјето и благосостојбата на адолесцентите.
Експертите во комисијата нагласија дека треба да се преземат мерки за справување со заканите по здравјето и благосостојбата на адолесцентите.
Тие предупредија дека напредокот во здравјето на тинејџерите „значително заостанува“ зад подобрувањата направени во здравјето и развојот на малите деца. Тие додадоа дека сегашното финансирање „не е пропорционално на обемот на предизвикот“.
„Адолесценцијата повеќе не може да се игнорира… време е за дејствување“, нагласија тие.
„Дигиталниот свет“ и неговото влијание врз здравјето на адолесцентите
Авторите на извештајот, исто така, истакнуваат дека преминот кон „подигитален свет“ би можел да има „длабоко влијание врз идното здравје и благосостојба на младите луѓе“.
Но тие исто така предупредија против „прекумерно ограничување“ на пристапот, велејќи дека мора да има рамнотежа, истакнувајќи дека онлајн светот им нуди на тинејџерите нови можности за социјална интеракција, образование, вработување и унапредување на здравјето.
Од друга страна, Комисијата Лансет проценува дека речиси една третина од девојчињата адолесцентки во светот ќе бидат анемични до 2030 година.
Експертите исто така истакнуваат дека оваа генерација тинејџери е првата што расте во потешки климатски услови.
„Денешните адолесценти се првата група луѓе кои ќе ги доживеат растечките последици од климатските промени во текот на целиот свој живот“, напишаа тие.
Копретседателката на Комисијата, професорката Сара Берд од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ во САД, изјави дека „здравјето и благосостојбата на адолесцентите низ целиот свет се на пресвртница, со мешан напредок забележан во текот на изминатите три децении“.
„Иако потрошувачката на тутун и алкохол се намали, а учеството во средното и високото образование се зголеми, прекумерната тежина и дебелината се зголемија до осумкратно во некои земји во Африка и Азија во текот на изминатите три децении, а товарот на лошото ментално здравје на адолесцентите расте глобално“, вели Берд.
Покрај тоа, предизвиците со кои се соочуваат адолесцентите низ целиот свет се изложени на ризик да бидат влошени од нови глобални проблеми, вклучувајќи ги климатските промени, светските конфликти и брзата транзиција кон подигитален свет, предупреди таа.
„Инвестирањето во здравјето и благосостојбата на младите луѓе е клучно за заштита на нашата колективна иднина“, истакна Берд.
Авторите на извештајот истакнуваат дека „инвестирањето во здравјето на адолесцентите ќе станува сè поважно во текот на 21 век“.
„Со оглед на тоа што населението старее, а стапките на фертилитет опаѓаат дури и во најсиромашните земји, обезбедувањето на здравјето и благосостојбата на адолесцентите ќе биде клучно за здравјето и просперитетот на сите земји“, велат експертите.