Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја изрази својата поддршка за преговорите меѓу Русија и Украина за ставање крај на војната, соопшти неговиот кабинет.
„Претседателот Ердоган објави дека е постигната историска пресвртница во завршувањето на војната меѓу Украина и Русија. Според него, оваа шанса треба да се цени“, се вели во пораката од кабинетот на Ердоган.
Тој додаде дека се подготвени да помогнат во овој процес.
„Турција е подготвена да даде секаков придонес за постигнување прекин на огнот и одржлив мир, вклучително и подготвеноста на Анкара да прифати преговори“, беше соопштено.
Кабинетот на Ердоган го објави ова откако тој разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон.
Да потсетиме дека рускиот претседател Владимир Путин понуди да започнат директни преговори меѓу Русија и Украина на 15 мај во Истанбул.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, како одговор на овој предлог, рече дека неговата земја е подготвена за разговори, но дека Путин треба да прифати 30-дневен прекин на огнот што би стапил на сила на 12 мај.