Ризикот од деменција поврзан со осаменоста во детството

Родителите кои се загрижени оти детето тешко склопува пријателства, има проблеми со комуникацијата или се чини премногу осамено имаат причина да се грижат, и тоа не само за изолацијата на рана возраст.

Тим лекари од Австралија, Кина и САД пронашле докази дека ефектите од раната осаменост не се ограничени само на детството, а најлошото влијание е можно да се покаже долго по смртта на родителот.

Осаменоста во детството е поврзана со побрз когнитивен пад и поголем ризик од појава на деменција во средната и подоцнежната зрелост, велат истражувачите во труд објавен од Американското медицинско здружение.

Дури и ако осамено дете порасне во друштвено и отворено возрасно лице, сепак е поверојатно да се соочи со когнитивни проблеми подоцна во животот отколку оние кои рекле дека не се чувствувале осамено во детството, велат авторите на студијата.

Наодите се базираат на „кохортна студија“ на податоци за околу 13.500 учесници од 2011 до 2018 година и се земени од Лонгитудиналната студија за здравје и пензионирање во Кина.

„Со оглед на моменталниот недостаток на ефикасни третмани за враќање на прогресијата на деменцијата, идентификувањето на раните, модифицирачки фактори на ризик за когнитивен пад и деменција е клучно за развој на превентивни стратегии за ублажување на овој растечки товар на болеста“, велат од тимот истражувачи.

Тие повикуваат на „интервенции“ рано во животот на децата за да се ублажи евентуалниот когнитивен пад децении подоцна.

„Овие наоди сугерираат дека осаменоста во детството може да послужи како независен фактор на ризик за когнитивен пад и деменција подоцна во животот“, според тимот во кој се вклучени истражувачи од  Медицинскиот универзитет Капитал во Пекинг, Универзитетот Ла Тробе во Мелбурн, Школата за јавно здравје на Универзитетот во Бостон, Медицинскиот факултет Харвард, Универзитетот Едит Кован и Универзитетот Џеџијанг.