НАТО обезбедува безбедност и стабилност, а ЕУ може да обезбеди просперитет. Иднината на земјата е во Унијата. Процесот е тежок и фрустрирачки, понекогаш може да биде и разочарувачки, сте го поминале сето тоа, но јасно е дека тоа е најдобриот исход, порача поранешниот американски амбасадор во Скопје Филип Рикер во интервју за Сител.
“Вие ќе останете суверена држава, но правите прилагодувања за да се движите напред и да бидете дел од нешто што е поголемо и дава гаранции за подобра иднина на земјата и на генерациите кои доаѓаат. Се работи за млада европска земја, која има долга историја и дури од времето на Бизмарк кога се зборувало за важноста на македонското прашање, да се донесе стабилност на Балканот. Го имаме одговорот на тоа прашање – демократска, мултитеничка интегрирана земја во НАТО и ЕУ, истакна Рикер, кој е и поранешен помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија.
Смета дека интеграцијата во ЕУ може да биде решение и за проблемите со корупцијата и владеење на правото.
“Не значи дека ќе ги елиминирате сите проблеми, но минувајќи низ преговарачкиот процес постигнувате ниво на споделени вредности, кои се рефлектираат на процесите. Владеењето на правото е клучно за тоа, никогаш не е совршено, но тоа мора да биде најважно. Независно судство, може да обезбеди легални пресуди и тоа го сакаат граѓаните. Мислам дека тоа ќе биде дел од патот напред и мислам дека иднината на земјата е во ЕУ, рече Рикер.
Потсети дека и патот кон НАТО беше отворен со прилагодувања и со, како што наведе, историскиот Преспански договор.
“Сега сте партнер и сојзуник на најуспешната одбранбена алијанса. НАТО е одбрана, колективна одбрана, соработка и демократија. Станува збир за земји кои споделуваат исти вредности бранејќи се меѓусебно од напади, како што НАТО ги бранеше САД по нападите од 11 септември 2021. Во последните две години откако Путин ја нападна Украина гледаме колку е важна таа колективна одбрана. Ќе прославиме 75 години од НАТО на самитот ова лето во Вашингтон и јас горд што Северна Македонија ќе биде таму со другите сојузници, изјави Рикер.
Во интервјуто, Рикер се осврна и на претстојните избори во земјава, нагласувајќи дека е најважно да бидат фер и демократски.
“Мислам дека можеме да го очекуваме тоа. Охрабрувам кампањата и изборите да бидат фер. Зависи и од граѓаните кои ќе учествуваат на изборите и тоа е еден вид обврска да се учествува во цензусот. Мислам дека секој граѓанин треба да мисли повеќе на иднината отколку на минатото, да учи од минатото и да мисли што може да се случи во иднина. Иднината на оваа земја е целосна интеграција во ЕУ за да славиме исто како што го славиме членството во НАТО, изјави Филип Рикер.