Рики Хатон , поранешен светски шампион во бокс, почина на 46-годишна возраст, само неколку недели откако објави дека се враќа на рингот.
Легендарниот британски боксер беше пронајден утрово во неговиот дом во Манчестер, каде што полицијата набрзо постави кордон. Според полициското соопштение, телото е откриено во 6:45 часот наутро на улицата Боулејкер во Хајд, а властите соопштија дека во овој момент нема сомнителни околности. Неговите пријатели беа загрижени дури синоќа кога Хатон не се појави на настан на кој учествуваше еден од неговите боксери.
Откако се повлече од рингот, Хатон се посвети на тренерската работа, но го најави своето враќање во јули и закажа натпревар против Еиса Ал Дах од Обединетите Арапски Емирати за 2 декември во Дубаи. Тој често отворено зборуваше за своите проблеми со менталното здравје и зависноста од дрога. Како страствен навивач на Манчестер Сити, тој требаше да присуствува на дербито со Јунајтед на стадионот „Етихад“ денес, каде што резервираше маса во ВИП ложата.
Низ целата своја богата кариера, Хатон беше познат како агресивен и храбар борец. Освои бројни светски и британски титули и постигна 45 победи во 48 професионални натпревари. Неговите најголеми триумфи беа против Коста Чуа и Хозе Луис Кастиљо, додека доживеа тешки моменти во поразите против Флојд Мејведер и Мани Пакјао. Хатон, кој следниот месец ќе наполнеше 47 години, го остава зад себе синот Кембел, кој исто така гради боксерска кариера.