Европа мора да биде подготвена за реформи и да прифати дека она што функционира за сегашниот број членки на Европска Унија нема да функционира со поголем број, посочи денес во Стразбур претседателката на Европски парламент, Роберта Мецола.
Таа се осврна на потребата од ревидирање на договорот за ЕУ, за кој ЕП се залагаше во минатогодишната резолуција, за да се исполнат очекувањата на граѓаните и предлозите на Конференцијата за иднината на Европа.
„Не можам да оправдам дека поминавме година и пол на Конференцијата за иднината на Европа со одлични заклучоци и многу големи изјави, а потоа – ништо. Мораме да бидеме подготвени да прифатиме дека она што некако функционира за 27 (членки), нема да функционира за 32, 33 или 35 и дека мора да бидеме подготвени за реформи“, посочи Роберта Мецола.
Таа нагласи дека не се работи само за заедничка земјоделска политика или за укинување на едногласноста во надворешната политика, туку дека политичарите треба да разберат дека ЕУ е „посилна и побезбедна и политички и економски ако е поголема“