„Идејата дека Русија ќе се повлече од Донбас и Крим е апсолутно нереална“, посочи премиерот на Словачка, Роберт Фицо, во интервју за тамошните медиуми.
„Ако некој мисли дека единственото решение за конфликтот во Украина е Русите да се вратат на границата каде што беа пред ескалацијата на конфликтот во февруари 2022 година и да се повлечат од Крим – тоа е апсолутно нереално. Мора да се прилагодиме на новата реалност што ја имаме сега. Наивно е да се верува дека Русите ќе ги напуштат Донбас и Луганск, наивно е да се мисли дека Русите ќе заминат од Крим“, вели словачкиот премиер.
Според него, нема воено решение за конфликтот во Украина.
„Навистина би сакал оваа војна да заврши. Во спротивно ќе бидеме сведоци на голем број жртви од двете страни. Не можам да замислам како ќе изгледа мирот меѓу Русија и Украина, но тоа ќе се случи“, вели Роберт Фицо.
Тој смета дека и на Украина и на Русија им се потребни безбедносни гаранции за да се стави крај на конфликтот што е можно поскоро.
„Зборувајќи за некакво претстојно регулирање на руско-украинските односи, може да се каже дека тоа ќе биде болен процес за двете страни. Треба да им се дадат одредени безбедносни гаранции. Некој треба да и даде гаранции на Украина, а некој на Русија“, порача Роберт Фицо.
Тој додаде дека Западот ја измамил Русија, уверувајќи ја дека НАТО нема да се прошири. Затоа, Русија се бори за безбедносни гаранции за себе „затоа што чувствува дека сега ги нема“.
„За конфликтот да заврши, Русија и Украина мора да бидат задоволни. Украина треба да чувствува дека нејзината безбедност е обезбедена. Русија треба да добие гаранции дека НАТО нема дополнително да се прошири на сметка на Украина“, изјави словачкиот премиер.