Робот во Јужна Кореја згмечил човек во фабрика бидејќи не го препознал односно разликувал од кутии со храна, јавува BBC.
Несреќата се случила кога маж, работник на возраст од околу 40 години, вршел технички преглед на роботи во фабриката. Роботската рака потоа го зграпчила човекот како да е кутија со зеленчук и го турнала неговото тело на подвижната лента, згмечувајќи му го лицето и градите, објави јужнокорејската медиумска агенција Yonhap. Несреќниот маж бил пренесен во болница, но подоцна таму починал.
Според Yonhap, роботот бил задолжен за подигање на кутии со пиперки и нивно пренесување на палети. Човекот вчера пред работа проверувал сензор на роботот во дел од фабрика за сортирање пиперки во јужната провинција Гјеонгсанг, додава Yonhap, повикувајќи се извори од полицијата.
Работата претходно била одложена за два дена поради проблеми со сензорот на роботот. Човекот, работник од фабриката што ја произведува роботската рака, го проверувал системот до доцна во ноќта за да ја утврди причината за проблемот. Во изјавата по инцидентот, портпаролот на извозниот земјоделски комплекс Donggoseong, кој е сопственик на фабриката, повика на воспоставување „прецизен и безбеден“ систем.
Во март, Јужнокорејец на околу 50 години претрпе сериозни повреди откако беше заробен од робот додека работел во фабрика за автоделови.