Понекогаш е подобро да се оддалечите од вашето дете за да му овозможите подобра поддршка, а со тоа и да бидете подобар родител. Ова се ситуациите кога би било подобро да се оддалечите од вашето дете.
Кога сте лути и имате чувство дека ќе „пукнете“
Во одредени ситуации можеме да се налутиме и да успееме да се контролираме. Но, постојат и такви ситуации во кои не можеме да ги контролираме и се` што сакаме да направиме е да викаме.
Во вакви ситуации неопходно е да се повлечеме и да се обидеме на само да се соочиме со чувствата на лутина и бес.
На овој начин и на вашето дете ќе му покажете дека се трудите да се соочите со вашите чувства и дека се трудите да останете смирени. Со тоа, сте го поштедиле од викање и лоши зборови кои можат да остават трага.
Кога чувствувате дека не можете да го контролирате вашиот бес, излезете од просторијата на 10 минути, затворете се некаде и длабоко дишете.
Кога детето учи
Постојат ситуации во кои мораме да бидеме присутни за нашите деца, да им покажеме нешто ново, да ги научиме нешто, да им раскажеме приказни. Но, постојат ситуации кога е важно да се тргниме, а една од нив е и кога детето учи или пишува домашни задачи.
Во ред е да му помогнете со одредена задача или во нешто што му оди потешко, но детето мора да знае да учи само. Мора да научи да создаде сопствен стил на учење и да не се потпира за секоја ситница на својот родител. Децата се интелигентни и се способни да научат сами, само треба да ги оставиме.
Кога се расправа со братот/сестрата
Секој родител кој има повеќе од едно дете знае како изгледа играњето. Децата малку играат, малку се расправаат, ја сакаат истата играчка или едниот не сака да игра она што сака другиот. Причините за расправија се различни.
Но, кога би го решавале секој конфликт и расправија која се јавува меѓу нив, нашите деца не би научиле ништо. Се додека нивната расправија не премине во физичка пресметка, не треба да реагирате. Секако дека ќе започнете да реагирате ако започнат да се тепаат и да се повредуваат, но се додека тоа не е случајот, оставете ги сами да го решат проблемот.
На овој начин децата ќе научат како да го решат проблемот и ќе добијат непроценливо животно искуство кое немаме право да им го одземаме.
Кога ќе добие проект за на училиште
Детето може да научи многу од самиот обид да направи нешто, а чувството за успех и гордост кога ќе го заврши не може да се спореди со никаква петка која би ја добил ако ја направи родителот.
Кога вашите деца ќе добијат задача или проект за на училиште, оставете ги да работат самите.
Кога се обидува да стекне пријатели
Додека вашите деца си играат со други деца и додека се во паркот, секако дека е најдобро да ги оставите сами да играат. Иако често ни е тешко да ги оставиме сами и сакаме да ги гледаме и заштитиме од напади, да внимаваме дали се пристојни кон другите деца, да не повредат некој или некој да не ги повреди – важно е да се сетиме дека не треба да бидеме залепени до нив.
Гледајте ги од далечина. Мораме да се потрудиме да ги оставиме нашите деца да дишат. Ако сме постојано со нив, нема да можат да бидат опуштени и потешко ќе пронајдат пријатели.
Ако пишува дневник
Пишувањето дневник е многу корисно за децата. Не само што ќе ги запишуваат важните спомени, туку и ќе го пишуваат она што ги мачи, а тоа е одличен начин за ослободување од стресот.
Ако вашето дете пишува дневник, почитувајте ја неговата приватност додека пишува. Не можете да очекувате да ги пишува своите приватни работи додека вие висите над него.
Додека игра само
Понекогаш, нашите деца се со нас по цел ден. Ако одиме во вц, обично доаѓаат и тие. Но, почитувајте ги ситуациите кога нашето дете сака да игра само.
Некогаш тоа ќе трае пет минути, некогаш еден час, но запомнете – кога игра само, не му пречете. Кога играат сами, кај нив се зголемува самодовербата, а и учат дека не мораат да зависат од друг за да се забавуваат.
Кога поминува низ тежок период
Кога на нашите деца им е тешко и кога поминуваат некој потежок период, на училиште или со пријателите, скоро секогаш сакаме да бидеме со нив, да ги поддржиме. Но, понекогаш на децата им е потребна приватност и тие не ја сакаат нашата помош.
Сосема е во ред детето не секогаш да сака да ги споделува со нас работите кои го мачат.
Кога се обидува да се бори за себе
Некогаш во животот, нашите деца ќе се сретнат со деца кои нема да бидат добри кон нив. Всушност, веројатно ќе бидат груби и непријатни. Овие ситуации се непријатни за секого, па и за вашето дете.
За да нема забуни, ако некое дете е агресивно кон вашето или ако го тепа, веднаш реагирајте. Но, ако ситуацијата е едноставна, само малку непријатна, тогаш оставете го детето да се обиде да ја реши само.
Децата мораат да научат да се борат за себеси. Сигурно не сакате да порасне во личност која се плаши да се спротивстави.
Кога ќе станат млад човек
Кога вашите деца ќе престанат да бидат деца, туку стануваат млади луѓе кои започнуваат да го планираат својот живот и својата иднина, тешко е да се оддалечиме од нив и да ги оставиме сами да одлучуваат за она што го сакаат.
Иако се` уште не пораснале целосно, тие се доволно стари да се соочуваат со важни одлуки за нивниот живот. Тие одлуки мораат да ги донесат сами, а не родителите.